Македонскиот рапер Да Џака Накот ја напушти државата, а информацијата за неговото заминување ја соопшти преку статус на својот Фејсбук профил.
Раперот за Радио МОФ вели дека причините кои го натерале да ја напушти државата и да се пресели во Франкфурт е недостигот на граѓанска и демократска свест, како и супериорноста на политичките елити. Неодамна го објави својот нов албум „Неопходно зло 2020“, а на прашањето дали ќе продолжи да твори музика, тој одговори дека музиката е дел од неговото секојдневие.
Во продолжение, интегрално го пренесуваме неговиот статус на Фејсбук во кој опширно ги кажува своите причини поради кои си замина:
„Почитувани пријатели, подржувачи и непријатели, јас ја напуштив мојата татковина Македонија, бидејќи одбивам да бидам дел од колективната несвест која завладеа таму изминативе години. Се обидував од петни жили да направам некоја промена, а кога излегов пред влада јавно да ги исплукам, кога ние уметниците бевме засегнати со предлогот на владата 35% да му даваме на Груевски и компанија, сите ми го свртевте грбот, луѓето бегаа од мене како од чума.
Mои пријатели се плашеа да им пуштам музика во кафулето или да си пијам кафе таму затоа што ќе дојде инспекција да ги затвори. Цензуриран сум на национално ниво, забрана имам за настапување на сите фестивали кои се организирани од општините на ВМРО или во превод секаде.
Сите мои пријатели се отселија од мојот роден град, и јас одбивам да бидам дел од таа Македонија. Со тешко срце ви го кажувам ова бидејки цел живот работам и творам на македонски (кој не ми е ни мајчин јазик, успат кажано) и ми е многу жал за добрите луѓе кои се надеваат на подобро утре во таа земја, кои сакаат да работат чесно, ама се соочуваат со феудалните газди и полтроните на власта која во корен го сече се што не им припаѓа на нив. Од денеска сум дисидент и за жал ќе останам долго време имајќи на ум дека ситуацијата во Македонија само оди на полошо и на мое и на ваше разочарување. ВМРО и ивните симпатизери повторно ќе ги украдат изборите сакале или не, и ќе ни се смеат во лице додека произведуваат „човечиња” кои ќе ги гласаат.
Толкаво ниво на нетолеранција не сум сретнал никаде во Европа, а сум ја прошетал цела… да ви ги убиваат децата на улица полицајци (Мартин Н.) и да ви ги газат дечињата на пешачки премин, да ви умре жената на породување со невина душа во неа поради кадарот на ВМРО, да ви падне цела Шара на глава како во Тетово и само да броиме мртви. Да ви убиваат полицајци (од етички мешани средини со цел да се создаде раздор на меѓуетничкото ткиво и мирот), а вие да го толерирате сето тоа, да ги слушате нивните разговори по телефон и да ве убедуваат дека се монтажи. Јас повеке не можам, ќе ми простите… јас немам нерви за уште едно ВМРОвско славје на лажна победа, не сум партиски определен, но во Македонија за да просперираш мора да бидеш, затоа си одам.
Фала за се“.
Токму на темата дали да се остане во земјава, говорник беше и Да Џака Накот. Видеото од „Аргумент“ можете да го погледнете подолу.