УНХЦР: Србија и Македонија го ограничија протокот на бегалци

Србија и Македонија го ограничија протокот на бегалци, дозволувајќи премин само на Сиријци, Ирачани и Авганистанци, денеска соопшти портпаролката на Канцеларијата на Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) Мелита Шуњиќ.  Според информациите на УНХЦР, Македонија во три часот по полноќ ги затворила границите, оставајќи стотина луѓе на „ничија земја“.

Во изјава за мкд.мк, портпаролот на Армијата на Република Македонија Тони Јаневски, вели дека во тек се подготовки  за поставување ограда на одредени места на јужната граница на Македонија, доколку биде потребно. Тоа подразбира изработка на планови за тоа каде на теренот би требало да се постави жичена ограда.

Србија пак, од синоќ  започна со строга контрола на граничниот премин кај Табановцеи и со враќање на бегалците кои не доаѓаат од држави со воени жаришта. Ова ја натера и Словенија да ја извести Хрватска дека ќе го прави истото во иднина, откако јужните држави го ограничија протокот на бегалци.

Од средината на минатиот месец до денес, низ Словенија поминале 236 877 бегалци, а во последните 24 часа поминале 6 077, покажуваат податоците на словенската полиција. Во Хрватска, за едно деноноќие пристигнале околу 2000 бегалци, додека од самиот почеток на транзитирање на бегалците низ Хрватска, поминале 416 915 бегалци. Во Македонија пак, во последните 24 часа биле издадени  потврди на вкупно 3 458 странски државјани, а од јуни до денес поминале вкупно 258 417 бегалци и мигранти.