Филмот „The Hip – Reality Overdrive“ на Јане Алтипармаков, вечерва (20 ноември), по неколкуте промоции во земјава, ќе биде претставен и во берлинскиот Прима центар. Станува збор за визуелен ремикс и за еден вид внатрешно патување на режисерот базирано на музиката и поетиката на The Hip, култниот кумановски бенд и едно од скриените богатства на македонската алтернативна сцена, пишува Радио Слободна Европа.
Режисерот Алтипармаков сними филм за еден од своите омилени бендови од 1990-те, во консултација со Љубиша Петрушевски, човекот кој стоеше зад составот, но и зад сите значајни случувања на тамошната алтернативна сцена во тој период. „The Hip – Reality Overdrive“ е всушност колаж, кој на виделина ги изнесува влијанијата од литературата, филмот и сликарството врз творештвото на овој арт-колектив.
Филмот е и еден вид на внатрешно патување, во кое се вткаени себеиспитувањето, самоанализата, себепронаоѓањето, кулминацијата на сензациите и уживањето во уметноста. Дело во кое камерата е на Наташа Гелева, за монтажата беа задолжени Владимир Петровски – Картер, Дарко Стефановски и Димитар Илиевски, и во кое освен членовите на The Hip, учествуваат и Ања Илиева и Сања Костовска. Ова е уште еден проект – издание на неуморните Пи-Ем-Џи Рикордингс.
„Тоа внатрешно патување е нешто што ми се случуваше, да речеме, и генерално овие години и сето тоа се рефлектираше врз работата. Освен тоа, самите влијанија што визуелно некако ми се процесираа се блиски до тој филм. Да речам тој некаков метафизички експериментален филм кој што е базиран на такви внатрешни самооткривања. Така некако, во суштина, работите се искомбинираа. Нешто што во тој период ми се случуваше рефлектирано на визуелен план, плус се разбира сите тие културолошки влијанија кои што музиката на THE HIP си ги носела тогаш, а си ги носи и ден денес како некој вид скриена порака“, вели Алтипармаков.
Целиот текст прочитајте го на Радио Слободна Европа.