Жители на Аеродром организираат нов протестен собир пред општинската зграда, под слоганот „Сакаме да дишеме“, во недела (22 ноември) во 11 часот.
„Доста беше молк. Сакаме чист воздух. Доста згради и паркиралишта. Сакаме полни гради и паркови. Да се видиме пред општина и да дискутираме како понатаму“, велат од иницијативата за почист воздух.
Аеродромци по вторпат ќе се сретнат и ќе го искажат својот револт од неагилноста на институциите во решавање на проблемот со загадениот воздух, откако минатата недела се одржа првиот протестен собир пред општината. „Сакаме да дишеме“, „Ни треба ли резервна општина“, „Зрак наместо мрак“ беа само дел од пораките кои ги испратија аеродромци. Ним на помош денеска им дојдоа и сограѓаните од Карпош, кои изминатиот период беа активни со својата граѓанска иницијатива против бетонизацијата во нивната населба.
Во дискусијата на Радио МОФ насловена „Граѓански бунт за воздух“ зборуваа претставнички на граѓанските иницијативи „Ќе дишеме или ќе издишеме“, „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“ и „Стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче“, кои велат дека полека , но сигурно расте граѓанската свест за загадувањето на воздухот во Скопје. Тие во прво лице раскажаа за последиците од загадениот воздух, за активноста на иницијативите во кои учествуваат и за потребата надлежните да имаат повеќе слух за барањата на граѓаните. На линкот подолу, може да ја погледнете дискусијата.