Nadav Kander пред четири години патувал низ степите во Казахстан да ги види „затворените градови“ во областа за нуклеарни тестирања на поранешниот Советски сојуз. Станува збор за мрежа на градови која била речиси невидлива за „аутсајдери“, сé до доаѓањето на Google Earth.
Фотографот прво патувал во градот Курчатов, именуван по физичарот кој ја развил првата нукеарна бомба произведена во СССР. Таму го пречекал чувар пред портата. Kander, со помош на познаник од областа, го убедил чуварот да го пушти да влезе, отседнал во единствената гостилница во градот и почнал да фотографира.
Неговите фотографии покажуваат морничави, но прекрасни пејзажи, кои покренуваат прашања за транспарентноста, таинственоста и универзалната човечка привлеченост кон урнатините, пишува Wired.
„Сакам да фотографирам нешта кои е тешко да се гледаат, но на прекрасен начин“, вели Kander. „Тоа е нешто што постојано го правам, бидејќи ме храни. Прави гледачот да е вознемирен и ја предизвикува вашата идеја за тоа што е убаво“.
Оваа тема Kander ја набљудува подолго време, а ја има разработено и во Long River, фото серијал за реката Јангце за кој има добиено Prix Pictet награда. Неговата изложба за затворените градови, Dust, е изложена во лондонската Flowers галерија. Фотографиите се собрани во истоимената книга, која може да се купи онлајн.