„Градовите не се само имиња и слики, тие се и начини на функционирање, на движење, тие се начини на дишење. Со плановите на еден град, не се предвидува само што каде ќе се гради, туку и како ќе дишат неговите граѓани“, посочуваат од граѓанската иницијатива „На Точак“, кои по 43 пат организираат Критична маса со велосипедистите во Скопје.
Овој пат, критичната маса ќе ја посветат на здравиот транспорт, поттикнати од огромното загадување од различни извори. Велосипедистите ќе возат во среда, на 25 ноември, а зборно место е Плоштад Македонија, во 17:30 часот.
„Соочени со енормно загадување од различни извори (индустрија, затоплување, сообраќај) и со други пропратни проблеми од авто-центричното планирање (покрај загадувањето и небезбедност и неактивност) ноемвриската Критична маса: Битола на точак, Гостивар на точак, Прилеп на точак , НаТочак – Скопје и Штип на точак ја посветуваат здружно на ЗДРАВИОТ ТРАНСПОРТ.
Активистите во секој град ќе извозат засебно Критична маса во својот регуларен ден, ќе направат сопствени акции, активности, но темата ни е заедничка.
Сакаме заедно да порачаме до одговорните градски администрации во нашите градови, но и до сите одговорни на национално ниво, до сите планери професионалци, но и донесувачи на одлуки и кројачи на буџети, дека нѝ е потребна темелна промена на урбаните политики (повеќе на блогот
Сакаме да видиме безбедни и пријатни услови за пешачење и возење точак, за граѓаните да бидат привлечени кон овие нештетни (ни по здравјето, ни по природата) начини на транспорт.
Во таков град, секој граѓанин би бил умерено физички активен преку начинот на патување, во таков град не би се гинело на улиците од премногу простор и брзина за автомобили, во таков град и воздухот би ни бил почист! Сето ова значи ЖИВОТ и ЗДРАВЈЕ, за секој лично, но и општествено значи поздрава средина и помалку здравствени трошоци.
Сакаме градови кои од здравје ќе бујат, место на чад да трујат.
Сакаме градови со активни, здрави и среќни граѓани.
Сакаме живи, не црни бели дробови.
Сакаме здрав странспорт, за здрави градови“, стои во повикот за Критична маса #43.
На 26 ноември, ќе возат велосипедистите во Битола и Штип, а на 29 ноември во Гостивар.