Галерија „Остен“ во Скопје започнува со нова активност „Osten4art“, која претставува континуирана изложба на која ќе се изложуваат пристигнатите дела од претстојните конкурси за цртеж и карикатура.
Според организаторите, на изложбата ќе бидат изложени сите дела коишто ќе пристигнат на адресата на галеријата од уметниците и карикатуристите ширум светот. Тоа значи дека континуирано ќе можат да се следат уметничките достигнувања на сите уметници и карикатуристи кои се пријавиле на конкурсите.
Краен рок за пријавување на „Остен биенале на цртеж“ е 30 април, 2016 година, додека за Светската галерија на карикатури е 31 март, 2016 година.
Поставката постојано ќе се менува, велат од галеријата. Тоа значи дека делата од авторите кои ќе се пријавуваат на отворениот повик ќе се споделуваат со јавноста.
Изложбата ќе може да се посети секој работен ден во галерија од 9 до 17 часот (сабота од 10 до 13 часот). За идејата на изложбата и отворениот повик може да прочитате на веб-страницата на „Остен“.