Во 1991 година, градот Вексјо (Växjö) кој се наоѓа на југот на Шведска, стана прв во светот каде беше решено дека нема повеќе да се користат фосилни горива. Колку напредок е направен оттогаш и може ли овој град да послужи како пример за други, поголеми градови?
Само неколку минути откако ќе го запознаете градоначалникот на самопрогласениот најзелен град, ви станува јасно од каде тој црпи инспирација, пишува Terry Slavin за Guardian.
Bo Frank, кој има 61 година, носи црна маичка со Битлси и беџ закачен на неговата јакна. Додека ме носи во неговата канцеларија на приземјето во Градското собрание на Вексјо, насекаде гледам сувенири од Fab Four, заедно со фотографии од кралот и кралицата на Шведска, Барак Обама и црно-бел цртеж од него со долга коса и цветна кошула од времето кога прв пат бил избран за советник во градското собрание, пред 41 година.
Неговите кадрици одамна ги нема, но Frank не изгубил ништо од идеализмот од ерата на Битлси, сега кога го води малото гратче на југот на Шведска, со население од 89000. Негова цел е градот сосема да ја елиминира употребата на фосилни горива до 2030 година, на шт Советот на градот се согласил уште во 1991 година.
„Секој граѓанин мора да придонесе“, објаснува градоначалникот. „Не можете само да ги обвинувате другите и да очекувате да направат нешто. Мора да започнете со себе: начинот на кој пазарувате, на кој живеете, на кој возите, на кој користите јавен транспорт, греење и струја“.
Промената која била направена досега е импресивна. Емисиите на јаглероден диоксид изнесувале 2,4 тони минатата година, односно меѓу најниските во Европа. Тоа е пад од 48 посто откога градот почнал да ги мери емисиите во 1993 година. Успеале да го направат тоа без да го жртвуваат економскиот пораст – меѓу 1993 и 2012 година, бруто домашниот производ по жител се зголемил за 90 посто.
Документарец на ВВС од 2007 година го обележи Вексјо како „најзелениот град во Европа“, а очигледно се трудат да го задржат тој епитет, иако нема начин да се измери „зеленоста“ на еден град.
Главниот град на Даска, Копенхаген, сега го „краде“ планот на Вексјо и сака да ја укине употребата на фосилни горива до 2025.
Frank смета дека успехот на неговиот град се должи на фактот што во Шведска парите од даноците одат директно во општините, кои решаваат како ќе ги потрошат. Осумте политички партии, кои се наоѓаат на сите страни на политичкиот спектар, низ години биле обединети за „зелената агенда“.
„Воопшто и не дебатираме за тоа на локално ниво. Може да се каже дека имаме осум зелени партии“, вели тој.
Кога станува збор за греење и електрична енергија, Вексјо е веќе близу до целта да не користи фосилни горива. Градот лежи меѓу борови шуми и езера, а отпадното дрво од шумите обезбедува 90 посто од материјалот за греење и четвртина од суровината за произведување електричната енергија, преку огромна централа за ладење, греење и електрична енергија. Останатиот дел од електричната енергија која Вексјоја користи доаѓа од мали локални хидроелектрани, ветерници, биогасови и соларна енергија.
Во Шведска есента е блага, но во зима, кога температурите достигнуваат и до -10 степени Целзиусови, секој час се пренесуваат по три камиони дрво до централата за Вексјо да биде затоплен, објаснува Marianne Mattila, менаџер за односи со муштерии на Veab, градската електроцентрала. Но, за разлика од другите централи, како Drax во Велика Британија, кои купуваат дрво дури од Канада, централата на Вексјо набавува дрво во радиус од 80-100 километри околу градот.
Бидејќи дрвата се потребни за да го апсорбираат јаглеродниот диоксид, наместо да го ослободуваат додека горат, Veab ги користи само гранките и врвовите на дрватакои се сечат за обработка во локалните фрабрики за хартија или Ikea. Пепелта од изгорените дрва пак, се враќа во шумата, каде се користи како ѓубриво за почвата.
Jan Johansson, менаџерот за енергетика на Вексјо, вели дека ова решение е и економски поисплатливо.
„Една од предностите на биомасата е што е многу поевтина од фосилните горива“, вели тој. Дрвото гори „чисто“, со оглед на тоа што не ослободува сулфур диоксид при горење. Како и кај повеќето скандинавски градови, системот на централно генерирано греење е енергетски високоефикасен, а се доставува до домовите и канцелариите на Вексјо до 400 километри, преку подземни цевки.
Градот расте брзо и секоја година има околу 1100 нови жители. Овозможува привремено сместување и за азиланти од Сирија и Авганистан. Растечката популација го зголемува и напорот на градот да ги намали емисиите на јаглероден диоксид од превозните средства.
Затоа, во градот кој се протега во радиус од 30 километри, градските автобуси работат на биогас од отпадокот од храна, а се фокусираат и на промовирање на поголемо користење на велосипеди, преку градење на повеќе велосипедски патеки, пешачки улици и промовирање на електрични велосипеди и автомобили.
Околу 40 посто од храната во градските институции, како градинките и болниците е органска, а на менито има вегетаријанска храна најмалку еднаш неделно.
„Сакам да воведам понеделници без месо“, вели Frank. „Paul McCartney еднаш рече дека кога би имале сите кланици стаклени ѕидови, сите луѓе би биле вегетаријанци“.
Frank верува дека жителите на Вексјо се горди на „зелената“ репутација на градот, и планираат да ја промовираат на Конференцијата на ОН за климатски промени која ќе се одржи идниот месец во Париз. Тогаш ќе биде претставена и Декларацијата од Вексјо, која ќе ги повика сите европски локални власти да се откажат од фосилните горива.