Американските приватни компании отсега ќе можат да копаат руда од астероидите, откако претседателот Барак Обама потпиша нов закон, кој претставува пресврт на долгогодишниот закон за вселената.
Со измените на законот, Американците ќе можат да вадат руда од нив, а ќе можат и да ги поседуваат материјалите што ќе ги пронајдат. Досега, вселената се третираше како јавна сопственост, што значи дека никој не можеше да има комерцијална сопственост над она што се наоѓа во вселената.
Со измените ќе им се овозможи на компаниите и поединци да собираат огромни количини на скапи ресурси од астероидите. Меѓутоа, не дозволува стекнување на сопственост врз небеските тела, туку единствено на рудата што ќе се ископа. Пример за исплатливоста на овие операции е податокот дека неодамна крај нашата планета е забележан астероид, во чиј состав е забележан платиниум со вредност од над шест трилиони евра.
Од американската компанија „Planetary Resources“ која планира да заработи од копање руда во вселената, велат дека новиот закон е „единственото големо признавање на сопственичките права во историјата“ и дека „ја воспоставува истата поддршка што ги создаде големите економии во историјата и ќе го поттикне одржливиот развој на вселената“.
Голем дел од сопственоста на вселената е регулирана со документ кој во 1960 година го потпишаа Русија и Америка, со уште неколку држави. Во тој документ стои дека Месечината и останатите небески тела се дел од заедничкото наследство на човештвото. Исто така, се вели дека истражувањето на вселената мора да биде мирно и забранува држави да оставаат оружја на Месечината и други небески тела.