Армијата на Република Македонија утрово почна со поставување на метална ограда, на јужната граница на земјата со Грција, каде што мигрантите се обидуваат да преминат на македонска територија.
Воениот врв на Македонија за „Плусинфо“ ја потврди веста и нагласи дека постапуваат според Оперативниот план, кој е направен од владиното Координативно тело и по добиените инструкции од последниот состанок на Советот за безбедност на Македонија.
Од АРМ велат дека оградата ќе овозможи дополнителна безбедност за земјава и соодветен пропуст на бегалците од кризните региони кои и до сега се пропуштале. Односно, оградата претставува превентивна мерка, но не значи и целосно затворање на границата.
Претходно Унгарија постави жичана ограда на своите граници со Србија и со Хрватска за да го спречи напливот на мигранти, а потоа Хрватска, Србија и Македонија почнаа селективно да пропуштаат само бегaлци од воени подрачја, односно само Сиријци, Авганистанци и Ирачани. Мигрантите од други националности останаа на македонско-грчката граница, на грчка територија со денови, а дел од нив пред два дена се обиделе насилно да ја минат границата.