Повеќето општини во Македонија изготвија локални еколошки акциски планови, но константната загаденост на воздухот укажува дека недостигаат стратегиски и долгорочни решенија. Непреземањето на енергични мерки за ваков сериозен проблем не смее да се толерира, особено што во државата има експерти со релевантни предлози од оваа област. Истовремено, Македонија не е првата држава во светот која се соочува со загадување на воздухот и треба да ги искористи добрите практики од други земји за да се справи со овој проблем.
Пишува: м-р Анета Шијакова
Воздухот во Македонија е алармантно загаден. На тоа укажуваат мерните станици кои речиси секојдневно регистрираат загадување кое е повеќекратно над дозволеното. Поради тоа што воздухот е загаден со опасни честички, жителите на повеќе македонски општини дишат на „жабри”. Иако Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, е приспособен со строгите вредности од законодавството на Европската унија, загадувањето на воздухот во Македонија со години е над европскиот стандард.
Дневни надминувања на PM10 на 28.11.2015
Анализа на Светската банка покажува дека високо индустријализираните центри како Скопје, Битола (енергетика), Кавадарци (металургија) и Миладиновци (рафинирање на сурова нафта) значајно придонесуваат за лошиот квалитет на воздухот. Проектот на Милиеуконтакт Македонија„Фотографирај и реагирај“ како најчести загадувачи ги посочува индустријата, старите возила, моторни горива во сообраќајот и греењето со дрва и јаглен. Состојбата во зима особено се влошува поради непостоење на гасоводен систем, а домаќинствата најчесто се греат на дрва бидејќи е најефтино. И старите возила многу загадуваат. Иако на сила се нормите Еуро 4, Македонија е преплавена со стари возила.
Поради сето ова, поголемите градови во Македонија во зима се под „бели завеси” од нечист воздух. Сатиричен пример за ова е креирањето на разгледница од загаденото Скопје.
Загадувачите нанесуваат голема штета, но не секогаш ја плаќаат сметката
Според анализата на Светска банка, во Македонија повеќе од 1.350 смртни случаи годишно се припишуваат на загадувањето со ситни честички, а неколку илјади работни места се губат поради хроничен бронхитис, астма или прием во болница. Невидливите загадувачки суспендирани честички се опасни по здравјето на човекот. Најкритични во Македонија се ПМ10 и ПМ2.5 загадувачките честички со дијаметар помал од 10 μm. Со намалување на концентрациите на ПМ10 и ПМ2.5 до стандардот на ЕУ би се избегнале повеќе од 800 смртни случаи и илјадници загубени работни денови, а здравствените заштеди се проценуваат на 151 милион евра годишно.
Иако законот предвидува строги казни за загадувачите, дел од нив поминуваат неказнето. Истражувањето на невладината организација „Фронт 21/42“ на тема „Дали и колку плаќаат загадувачите во Македонија?“ покажува дека дел од најголемите фабрики воопшто не плаќаат за загадувањето. Документот воочува недоследности кон А-интегрираните еколошки дозволи кои треба да се потврда дека производствениот процес е безбеден и согласно животната средина. Додека за добивање на дозволите за интегрирано спречување и контрола на загадувањето (ИСКЗ) треба долг период. Така, фирмите со дозвола плаќаат за неа и инвестираат во еколошки мерки, а тие што „чекаат“ дозвола не плаќаат за неа и за годишен надзор и не инвестираат во чиста технологија.
Препораки од нашите научници
Научниците во Македонија имаат предлози за чекори што може да се преземаат за подобрување на состојбата.
Според проф.д-р Благоја Стеваноски од Техничкиот факултет во Битола постојат многу сектори со зелени работни места како енергетика, градежништво, земјоделство, но најдобри ефекти се постигнуваат во енергетиката. Тој посочува дека првите чекори се направени со донесувањето стратешки документи и законска регулатива. НВО секторот придонесува со анализи, студии и кампањи, но останува да се развиваат конкретни чекори, а Владата да придонесе со финансиска поддршка на конкретни проекти.
Проф.д-р Пеце Недановски од Економскиот факултет во Скопје нагласува дека приватниот сектор е заинтересиран да отвори зелени работни места таму кадешто носат профит. Оттука, се поголем е бројот на нови работни места за монтажери на соларни системи или поврзани со енергетска ефикасност во градежништвото.
Меѓу иновативните решенија се предлагаат и зелените покриви, како начин да се врати зеленилото во урбанизираните центри, да се заштеди енергија и да се добие поеколошка средина бидејќи со нив се намалува прашината, а со тоа и загадувањето на воздухот.
Како до почист воздух од искуството во светот?
Дел од општините во Македонија се уште немаат катастар на загадувачи, односно база на податоци за деловни субјекти кои се потенцијални загадувачи. Со катастарот на загадувачи ќе се идентификува влијанието кои потенцијалните загадувачи го имаат врз животната средина и здравјето на луѓето за полесно да се планираат и превземаат мерки за одржливо живеење на заедницата. Катастарот е корисна алатка и за редовна контрола и инспекциски надзор на загадувачите.
Анализата „Позелено Скопје со почист воздух“ предлага да се следи примерот на Мексико Сити, кој порано беше енормно загаден од стари возила, но денес многу денови од годината има сино небо и нуди практични лекции за сите загадени градови. Според мексиканскиот пример, за да се постигне ова се премина на преформулиран бензин, односно безоловниот бензин беше заменет со бензин со намалена емисија на јаглеводороди и азотни оксиди. Понатаму, се затвораа или селеа фабрики, а мазутот во индустријата и енергетиката се замени со природен гас. Денес во Мексико Сити е забрането користење на возила еден ден неделно, постарите возила не смеат да возат во денови со висока загаденост, а наместо тоа е проширен јавниот транспорт.
Ова се само дел од мерките кои можат да се применат и во Македонија. Студијата на Светска банка за зелен раст предлага и стимулирање на набавката на горивно ефикасни возила, поттикнување на замена на стари со нови возила, инвестиции во железничкиот сектор и јавниот градски превоз. Со субвенционирање на зелени работни места, раст на енергетската ефикасност и со воведување на гасификација загадувањето би било намалено во голема мера.
Оттука, прскањето на улиците со калциум магнезиум ацетат кое се применува во Македонија како средство кое се користи за контрола и намалување на ситната прашина и ПМ10 и ПМ2,5 честичките е само капка во морето кое нема да донесе голем бран кој ќе го однесе загадениот воздух.
Свеста е клучна
Главен предизвик е подигнувањето на свесноста и кај надлежните институции и кај граѓаните за потребата од конкретни чекори кои ќе резултираат со трајни придобивки за квалитетот на амбиенталниот воздух. Секој треба да разбере каква штета загадениот воздух нанесува и на поединецот и на целата национална економија, кои се изворите на загадување и кои се поради нив трошоците за јавниот и приватниот сектор. Дури тогаш политиките и програмите за почист воздух ќе преминат од хартија во реалност, а доколку има пропусти граѓанинот ќе може да ги препознае и да побара одговорност. Тоа е патот кон почист воздух за сите нас. Од нас зависи каков воздух ќе дишеме.
„Блогот е напишан во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk,. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.