[Интервју] Македонски студенти прават влошки за чевли што создаваат струја

Мартина Димоска е студентка на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје каде што веќе трета година студира инженерство на материјали и нанотехнологии. Заедно со уште тројца колеги победи на првиот климатски предизвик #ОдТебеЗависи, кога нејзиниот тим изработи проект за обувки што генерираат електрична енергија.

Натпреварот беше отворен за сите кои сакаа да помогнат со решавање, или подигање на свеста кај граѓаните за некој еколошки проблем.  Поради одличниот проект, Димоска доби можност да развие патент, со што ќе стане и најмладата девојка во земјата што направила ваков патент-производ.

Таа не зборува многу за тоа како функционира производот, бидејќи се уште трае процесот на патентирање. Сепак, за Радио МОФ открива дека една влошка од обувките во период од шест до осум часа комплетно ја полни батеријата од мобилниот телефон. Досега, појаснува дека изработиле неколку варијанти на влошките со различни намени, на батерија или USB приклучоци за полнење.

„При нашите истражувања откривме дека за производство на самата влошка (особено со реупотребливи материјали) треба помалку енергија отколку за производство на 1KWh. Самата влошка е доста издржлива, промислен е секој детал и одевме до финеси, како на пример каков да биде материјалот што ќе ја обвиткува, за како конечен слој тој да биде водоотпорен и огноотпорен, а сепак пријатен за ногата, да има простор стапалото да дише и да не се предизвикува потење“, вели Димоска.

Таа е благодарна за поддршката што ја добила од професорите, но и од многу колеги, студенти и професори од други области.

„Во ова не сум сама, имав вреден тим зад мене: Александар Лазовски, Николчо Ѓошев и Лорета Тодоровска го претставуваат јадрото на тимот и мојата константна поддршка и беа тука спремни да помогнат секогаш кога нешто ќе заглавеше. Секако, имавме огромен број поддржувачи, професори спремни за соработка, вредните дечки од Хаклабот Кика, UNDP, Social Innovation Hub и без нив немаше да се оствари ништо од тоа“.

Целта на овој натпревар беше да поттикне млади истражувачи да помогнат во решавање на проблемите кои се последица на климатските промени. Според Димоска, овој аспект на активизам е доста важен, бидејќи ги поттикнува младите да влијаат на општеството со корисен и иновативен производ. Во иднина, таа вели дека една од главните должности ќе и биде токму загадувањето.

„Сметам дека освен што ми е должност како човечко суштество да се грижам за мојата околина и да вршам добродетелство, должност ми е и како инженер да влијаам позитивно на проблемот со загадувањето. Сметам дека секој инженер е обврзан да води сметка за тоа по завршувањето на процесот да има минимално загадување и да има правилни начини на решавање или отстранување на истото. Тоа е исто така должност на компанијата, но и на секоја индивидуа затоа што нè засега сите.“

Во 2014 година таа ја доби наградата за натпреварот N.A.S.A. Space Apps Challenge, со што стана најмлад N.A.S.A ментор.

„На натпреварот се вклучив по посетата на штандот на NewMan’s Business Accelerator. Тимот ни беше најмлад, таму формиран и најнеискусен затоа што поголемиот дел од групата бевме прва година на факултет или гимназијалци. Секако бевме доста иновативни и имавме одлични ментори кои што видоа перспективно и употребливо решение и добра идеја и беа тука да ни одговорат на многу прашања и да ни разрешат многу нејаснотии“, објаснува Димоска.

Таа со својот тим биле изненадени од поддршката и од позитивните коментари. Димоска смета дека луѓето во последно веме се освестуваат и почнуваат да препознаваат квалитет.

„Како и да е, запознаени сме дека менталитетот тука знае да биде малку потежок, па понекогаш наидуваме на скептици и на луѓе што се трудат по било која основа да ни го демантираат квалитетот и успехот. Но, таквите само ни даваат поголема мотивација да им го докажеме квалитетот, а пресметките и доказите за функционалност се тука и тие не можат да бидат негирани“, потенцира Димоска.

Првиот прототип вели дека е успешен и има простор за негово понатамошно развивање што ќе резултира со поголемо генерирање на енергија и пософистициран дизајн. Како млад научник ги охрабрува останатите студенти да се борат за нивните идеи.

„Сè што треба да прават е да се упорни, да вложуваат во себе и да не се откажуваат сè додека она што го замислиле во нивната глава не стане реалност, без разлика колку е патот тежок и трнлив, а предизвиците големи“.

Е.П.