Во 82 општини во Република Македонија има само 17 мерни станици кои се користат за мерење на квалитетот на воздухот. Од нив, три воопшто не функционирале во првите девет месеци оваа година. Останатите пак, не работеле голем дел од овој период, а вината и одговорноста за тоа институциите си ја префрлаат меѓусебе.
Во септември, мерните станици регистрираа 140 пати поголема концентрација од дозволената на опасните ПМ 10 честички во Скопје, односно 7 012 микрограми на метар кубен (μg/m3). Министерството за животна средина тогаш соопшти дека станува збор за грешка и инструментот за мерење на овие честички бил однесен на тестирање за исправност.
Изминативе денови податоците добиени од мерачите на министерството укажаа на повеќе од десет пати повисока концентрација на ПМ 10 во Тетово и скопската општина Лисиче, додека во Центар и Карпош концентрациите изнесуваа и до шест пати над дозволената граница.
Европското правило што го има усогласено нашиот закон вели дека за ПМ 10 максимална дневна граница е 50 микрограми на кубен метар, додека за ПМ 2,5 е 25 микрограми на кубен метар. Во годината пак, дозволени се максимум 35 дена на пречекорување. Во извештаите на ресорното министерство стои дека државата уште во првите месеци од ова година ги надминала границите на дозволените концентрации на овие честички.
Тетово е град со население од околу 200 000 жители, кое според податоците на министерството вдишувало 260 дена загаден воздух со високи концентрации на канцерогените ПМ 10 честички, во првите три квартали оваа година. После нив, следат жителите на скопската општина Гази Баба и Кичево со 117 дена загаден воздух, на третото место се Кочани и Кавадарци со 84 загадени денови во годината, по што следуваат Велес со 83 и Битола со 78 загадени денови во годината.
Уште поопасни за здравјето на човекот според докторите се ПМ 2,5 честичките. Нив Светската здравствена организација пред две години ги прогласи за смртоносни, а со тоа на државите во Европа им наметна граница до која е прифатливо да ги има во воздухот, заедно со листа на препораки.
Македонија дури кон крајот на септември оваа година ја прифати оваа европска регулатива во Законот за животна средина, но располага само со две мерни станици кои ги мерат овие честички – во главниот град Скопје. Според податоците од овие две мерни станици, во првите девет месеци од 2015 година, жителите на Центар вдишувале високи концентрации од овие честички 128 дена, додека во Карпош 140 дена.
Во другите градови кои имаат проблем со загадениот воздух, како Тетово, Битола, Кавадарци, Велес и Кичево, воопшто не се мерат количините на ПМ2,5.
МЗЖПП: Нередовна набавка на резервни делови
Мониторинг станиците се поставени со цел да даваат прегледност за квалитетот на воздухот во градот. Според Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, начинот и условите за работење на сите мерни станици во државата, мониторингот и доставувањето информации ги пропишува ресорното министерство.
Прашавме во министерството која е причината што одредени мерни станици не работат редовно, или пак воопшто не функционираат, како тие во Мршевци, Куманово и Велес 1. Оттаму по електронска пошта кусо ни одговорија:
„Нередовна набавка на резервни делови и долготрајност на процедурата за јавна набавка“.
Ова беше костатирано и во извештајот на Државниот завод за ревизија за 2014 година, објавен годинава, во кој се вели:
„Ваквата состојба упатува на заклучок дека резултатите од мерењата од државната мрежа не се комплетни, отсуствуваат репрезентативни мерења, не се воспоставени локални мрежи и не се обезбедени податоци од подвижни извори на загадување, што има влијание на веродостојност и целосност на оценката за квалитетот на амбиентниот воздух по зони и агломерации“.
Од Одделението за мониторинг на квалитетот на воздухот, чиј раководител е Анета Стефаноска пак тврдат дека мерните станици се оперативни, секојдневно се одржуваат и автоматски им се менуваат филтрите. Меѓутоа, самите извештаи покажуваат дека дури и поновите мерни станици поставени во 2011 година, имале дефект последнава година.
За време на изработката на текстот Стефаноска беше недостапна за изјава поради службено патување во Словенија, но нејзиниот тим за време на нашата посета на секторот, делумно одговори на прашањето зошто министерството не обезбедува нови мерни станици:
„Само еден анализатор за ПМ 2,5 чини од 25 до 30 илјади евра. Тоа не е многу, но е поскапо за разлика од инструментите за мерење на другите параметри како SО2, СО, озон и азотни оксиди. Тие се изработка на американската фирма „Термо“ кое има свое претставништво во Австрија“, појаснуваат од тимот.
Оттаму велат дека за одржувањето на мерните станици пак, годишно ги чини од 50-70 000 евра за набавка на резервни делови, боци за калибрација и потрошен материјал.
Економија или екологија
Ако Македонија ги намали концентрациите на PM 10 и PM 2.5 до граничните вредности на ЕУ, би се избегнале над 800 смртни случаи, илјадници денови на загубена продуктивност и тоа би резултирало со здравствени заштеди од 151 милион евра годишно, покажува истражувањето на „Еко свест“ од 2014 година.
Според Невена Смилевска од ова здружение, секоја општина треба да има барем по една мерна станица, а онаму каде загадувањето е поголемо да има минимум две.
Сепак, во голем дел од помалите градови мерачите за воздух работат по принципот „вклучи-исклучи“. Мерната станица во Битола 2, во трите квартали од 2015 година, не функционирала 79 денови. Со специјален инструмент, битолските власти извршија мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух во летниот период, од 14 до 28 јули. Задолжена за мерењата на ПМ 10 и ПМ 2,5 честичките беше скопската фирма „Еуро Мак Контрол“. Резултатите од нивните лаборатории покажале дека не се надминати граничните вредности. Градоначалникот Владимир Талески, тогаш изјави дека нема потреба од дополнителни мерки за заштита на воздухот.
Претходно, битолското здружение „За нас се работи“, направи независно мерење во зимскиот период од 13 до 27 декември 2014, а го спроведе независната лабораторија „Мол“ од Србија, по барање на здружението. Добиените резултати од оваа лабораторија пак покажаа дека во критичниот период имало висока концентрација на опасните честички во воздухот.
Двете мерењата на кои очекувано беа добиени спротивставени резултати, беа договорени со заеднички меморандум меѓу Општина Битола и здружението „За нас се работи“.
Во општина Тетово, каде градоначалничка е Теута Арифи, мерната станица секојдневно дава податоци за квалитетот на воздухот. Но, од општината посочуваат на нефункционалности за кои досега го известиле министерството.
„Имаме една станица за ПМ 10 во центарот на градот и е во надлежност на Министерството за животна средина. Меѓутоа не е сервисирана одамна така што информациите не се баш веродостојни и се сомневаме во нив. Сме побарале досега да се постават повеќе мерни станици во околината на „Југохром“, исто така и мобилна станица, но не сме добиле конкретен одговор“.
Одговор досега не видоа ниту еколошките здруженија „Еко герила“ и „Мајка и дете“ кои беа дел од поднесителите на тужба против фабриката за производство на феролегури „Југохром“, лоцирана во Јегуновце. Во тужбата тие не можеле да наведат дека има зголемена концентрација ПМ 2,5 честичките, од причина што немале со што да измерат.
„Тоа не може да се направи ако нема соодветен мерач, а тој може директно да покаже како влијае врз човечкиот организам. Ако се повикуваш на колатерална штета би било проблем да се повикуваш со ПМ10, бидејќи не би било толку релевантно колку што е со ПМ 2,5“, вели Игбали Ферати Прешова од организацијата „Мајка и дете“ во Тетово.
Алармантни податоци за загаденоста на воздухот во државата, покажуваат податоците на веб-страницата „Нумбео“. Според најновите статистики, најзагаден град во Европа е Тетово, додека Скопје најчесто се наоѓа помеѓу трето и четврто место.
Извештајот на Светска банка, од минатата година пак, прстот го впери кон големите индустриски капацитети како Тетовската металургија, двете термоелектрани на јаглен Осломеј и Термоелектраната во Битола, за која беше побарано преземање итни мерки.
Според овој извештај, уделот на РЕК „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ во загадувањето на воздухот во Македонија бил над 70 проценти, а како резултат од загадениот воздух починале 1350 луѓе.
Граѓанскиот крик пригушен од смогот
Деновиве Тетово го тресат големи граѓански протести за воздух. Револтот на граѓаните ескалираше лани, во ноември кога Владата го продолжи рокот на фабриката „Југохром“ за уште две години, во кои треба да ги исполни потребните еколошки стандарди. Организаторите на овие протести, здружението „Еко герила“, тогаш појаснија дека не бараат затворање на индустрискиот капацитет, туку поставување на потребните филтери.
Дури во март, годинава, компанијата соопшти дека започнува со имплементација на проектот со кој се предвидува изградба на филтер станици за прочистување на издувните гасови од производството на фабриката. Целокупната инвестиција која опфаќа изградба и опремување на три филтер станици е планирано да заврши до крајот на оваа година.
Ферати Прешова од „Мајка и дете“ вели дека министерството е многу затворено кон граѓанските здруженија и не знаат што се случува. Нив им било кажано само дека биле ангажирани странски експерти што ќе прават студии за квалитетот на воздухот во Тетово, вклучително и на ПМ2.5 честичките. Меѓутоа, тие студии се уште не се изработени.
„Надвор не се дише, мириса на гас, не можеш да излезеш. Со децата се плашиме надвор да излеземе, ретко ги изнесуваме. Многу лошо особено за децата. Ние сме мајки пред се, не загрижува што треба децата да ги држиме цело време дома затворени и затоа покренавме иницијатива. Министерството да преземе драстични, а не благи мерки кога ќе виде зголемено загадување на воздухот“.
Велешкото здружение „Вила Зора“ пак, објасни дека немало интерес за поставување на дополнителни мерни станици од нивниот градоначалник.
„Има иницијатива, но изгледа не доволно јака. До 2003 се правеа испитувања, додека работеше Топилница, сега не. Од општината немаат доволно слух за ништо, а камоли за иницијативи. Мерките досега се без никаков ефект, смешни и срам за оние кои ги предлагаат и прифаќаат“, стои во соопштението што го добивме од здружението.
Д-р Трајче Стафилов од Институтот за хемија вели дека мерки има, но не се почитуваат.
„Точно се дефинирани, многу добро се планирани мерките, добро проучени, меѓутоа ништо не е преземено. Една од мерките на пример е ограничување на сообраќајот. 50 проценти од возилата да не се употребат, пример системот пар-непар. Плус, забрана на влегување на возила коишто се од категории по квалитет на согорување на гасови под нормите да не можат да влегуваат во Скопје. Голем број на такви мерки се предвидени, но за жал не се презедоа оваа зима, практично ниедна мерка“, вели тој.
Објаснувањето што го добивме од министерството по ова прашање беше:
„Ние сме град кој што има несакана географска положба за загадување што не е случај со другите балкански земји ако споредиме со Србија. Тука е и Загреб и затоа се тие алармантни вредности за ПМ 10. Скопје е сместен во котлина и поради временските услови кога има магла нема можност да се дистрибуираат честичките и затоа остануваат“.
Светска банка како втор најголем загадувач го наведува транспортот, со 15 отсто. Останатиот дел од загадувањето го создаваат градежништвото, со 0,2 отсто, домаќинствата со 2 отсто, земјоделието со 0,4 отсто, преработката со 9 отсто и друго со 3 отсто.
Токму во насока на подобрување на амбиенталниот воздух, дополнителни 1.1 милион евра додели Европската унија во септември, оваа година, кои ќе ги користат Министерството за животна средина и Институтот за јавно здравје.
Со проектот беше најавено дека ќе се вложи во зајакнување на капацитетите, во развој на план за подобрување на квалитетот на воздухот,и идентификување мерки за подобрување на квалитетот на воздухот на локално ниво.
Децата, најголеми жртви на загадувањето
Аерозагадувањето е една од трите најчести причини за смрт во Европа, после кардиоваскуларните и малигните заболувања.
Полните болници минатата година сведочеа за загадениот воздух. Според анализите на Институтот за белодробни заболувања, за една година во Тетово има пораст на деца со астма. Од возрасната група до 6 години, има 8 до 24 случаи со астма од 2013 година до 2014 година со исклучок на декември, односно има зголемување на белодробните заболувања за 84 проценти. За две години дури 101,7 проценти. Исто, кај возрасната група од 7 до 24 годишна возраст има пораст од речиси 70 проценти.
Доктор Драган Ѓорѓев од Институтот нагласи дека ситуацијата останала иста.
„Честичките под десет микроми почнуваат да продираат и колку се помали, толку повеќе доаѓаат до белите дробови и ги прават своите штетни ефекти. Другиот аспект е што е она што го носат. Дали се тие само песочни загадувачки материи коишто излегуваат од греењето, сообраќајот, или носат метали како на пример во Велес каде што се јави олово со себе кое доаѓа до најмалите дишни патишта“, посочи Ѓорѓиев.
Светска банка минатата година ја стави Македонија на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух, а ПМ честичките беа посочени како најзначајни загадувачи.
Извештаите на Институтот за јавно здравје пак, укажуваат дека респираторните болести меѓу децата се најчести во Кичево и Битола, дури три пати повеќе од државниот просек:
„Термоелектраните Битола и Осломеј, на годишно ниво, предизвикуваат 234 изгубени години на живот или 22 предвремени смртни случаи. Само намалувањето на емисиите и нивно доведување до дозволените гранични вредности ќе резултира со 215 односно 216 изгубени години на живот на годишно ниво или превенирани 20 предвремени смртни случаи на годишно ниво“.
Граѓаните имаат право на чист воздух, но не знаат каде да го побарат
Ново Лисиче е една од најурбаните населби во Скопје. Меѓутоа таа е позната и по тоа што во зимските периоди е меѓу оние со најзагаден воздух. Гордана, која ја сретнавме додека се шеташе со нејзиниот внук низ паркот во населбата, ни рече дека проблемот со загадувањето не е само во зима. Таа апелирала неколкупати до надлежните служби, но оттаму не добила конкретен одговор.
„Дишиме како на шкрги, инаку сега има многу загадување. Преку Вардар што се палеше, зимно и летно време не можеме да спиеме. Неколку пати се јавував до службата, меѓутоа тие се сложуваат дека не е во ред, но велат дека не можеле ништо да направат и другиот ден пак иста приказна“.
За неподносливиот мирис сведочат и други граѓани кои живеат во населбата, но тие одамна се откажале од тоа да ги контактираат властите, бидејќи не чувствуваат дека тие би го решиле проблемот.
Член 43 од Уставот на РМ:
„Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“.
Врз основа на овој член, секој граѓанин како индивидуа може да ја тужи државата доколку смета дека му е загрозено правото на чист воздух.
Прв случај на Балканот каде општината и граѓаните ја тужат државата беше токму тужбата која општина Велес заедно со повеќе невладини организации ја поднесоа против Република Македонија, поради три децениското загадување на велешани и почвата во општината. Процесот кој траеше три години на крај, во 2011 година не заврши во нивна полза, односно тужбата беше отфрлена.
На сличен начин, Ли Гуиксин, жител на Шијажуанг, главен град на кинеската провинција Хебеј, минатата година поднесе жалба до локалните власти да ги преземат своите обврски во контролата на загадениот воздух, одредени според законот. Тој побарал и надоместок за парите што ги потрошил во купување на маски за лице, за прочистувачи на воздух и лентата за трчање, која ја купил за да вежба внатре во периодот кога загадувањето било огромно. Но, неговиот случај се уште нема разврска.
Балканот се гуши, Сараево најзагаден град
Квалитетот на воздухот во Босна и Херцеговина е меѓу најлошите во Европа поради прекумерната концентрација на прашина и опасните ПМ честички оваа зима. Поради ова, Сараево лани беше прогласен за град со најзагаден воздух во Европа. Покрај Македонија, значително загаден воздух имаат Албанија, Србија и Бугарија.
Светската здравствена организација (СЗО) објави дека квалитетот на загадениот воздух го намалува животниот век на луѓето во Европа за една година, а 40 милиони луѓе во 115 најголеми градови во Европската унија, се изложени на загадувачи кои ги надминуваат стандардите на СЗО.
Европската Унија ги намалува максималните граници
Европската Унија ги регулира суспендираните честички од 1980 година. Денес ЕУ ги има најстрогите ограничувања на ПМ10 во светот. Ако во Македонија максималната граница на ПМ10 честичките е 50 микрограми на метар кубен, европските држави ги намалуваат вредносстите на 40, па дури и 30 микрограми. Истовренемо европските градови и локалните власти се соочуваат со високи казни за непочитување на овие граници и се обидуваат да најдат ефикасни мерки за намалување на ПМ10 и ПМ2.5.
Најагресивната и широко користена мерка е воспоставување на Зона на намалена емисија. Исто така, повеќе се користи и мерката пар-непар, која стана популарна во Мексико, а оттаму се прошири и во неколку европски градови.
Во изминативе две години стана актуелна апликацијата „Мој воздух“на Горјан Јовановски. Тој објаснува дека податоците што ги покажува апликацијата автоматски се преземаат од страницата на министерството, но појаснува дека неговата апликација е само индикативна.
Според европските регулативи, пресликани во македонскиот закон, за да се измери одредена концентрација во населба, или во голем простор, мора да има стандарна метода, којашто вади дневни и месечни резултати за концентрациите. На основа на годишно ниво пак, се проценуваат ефектите. Секој друг тип на мерење, кратко, помалку од 24 часовно, месечно, па и годишно, е невалидно за мерење ефект, ако не соодвестува со пропишаните стандарди на ресорното министерство.
„Мерните станици кои ги има министерството ги следат меѓународните стандарди и ако покажете дека има високи концентрации, можеби некого ќе казните. Тој што ќе го казните може да ве тужи ако тоа мерење не ви е направено по акредитирани, меѓународни методи и стандарди“, вели Ѓорѓиев од Институтот за јавно здравје.
Емилија Петреска
* Текстот е дипломски труд на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста