Се будам во 6:30 наутро, го гледам татко ми седнат на фотелја во дневна, гледа некоја утринска програма на телевизија, пие кафе и пуши цигара; прозорецот отворен божем да се проветри. Се спремам, се поздравувам, ставам лабело на уста и излегувам. И сето тоа одејќи кон училиште, додека автобусот ја пробива маглата и чадот, ми изгледа како некоја филмска сцена, нешто ко од Џим Џармуш… не знам. Така некако почнува денот на еден 16 годишен средношколец од Тетово. Црно бело – нит комедија, нит трагедија.
Последниве денови, односно последниов период, во Тетово се шири навидум некаква прогресивна енергија, чии цели и надежи се позитивни промени во градот. Причината е веќе добро позната: големото загадување на воздухот. Во текот на на минатата работна недела, се случија два протеста во градот. Тоа е добар знак. Јас, како средношколец, мислам дека е правилно да се задржам за темата поврзана со реакциите околу овој проблем од страна на младите, односно вклучувањето на младите во борбата против загадувањето.
И покрај позитивните реакции, голема е дилемата помеѓу народот, вклучувајќи ги и младите, дали вреди да се бориме или не. Можеби причина за овие прашања е недостатокот на прави факти околу изворите на големото загадување (со кои би биле сигурни против што точно протестираме), но можеби и самиот наш менталитет, кој е недоволно заинтересиран, заангажиран и цврст за прашањата и проблемите од општ интерес (иако загадувањето е голем здравствен проблем на секој поединец, денеска и тука).
Од друга страна, кога станува збор за нас младите, големо влијание има и образовниот систем. Јас мислам дека е апсолутно важно и потребно давање поголем акцент на екологијата и животната средина, како дел од наставната програма во основните и средните училишта. Тоа нема да резултира само со поголемо знаење, туку и појасни критички ставови од наша страна, за проблеми како што е сегашниот. Не може да се очекува од младина која нема видено цвеќе и дрвце во свој дом и училиште, да се бори за чист воздух и зелени површини во целиот град, на пример. Образованието е неменлив фактор за младина со поздрави мислења и ставови. Тука, ние немаме таков образовен систем. Тука, и тие корисни особини стекнати од дома, може само да се изгубат. Голем дел од младите живеат со парализирана волја за подобра сегашност и подобра иднина, од секој, па и од здравствен аспект. Мислам дека секоја млада личност мора да се вклучи и ангажира во решавањето на овој проблем. Без разлика преку каков вид на активизам – важен е придонесот и притисокот врз надлежните. Не смееме да подлегнеме на игри, како што е предвремениот распуст, само за да се намали бројот на масовноста на протестите минатите денови. Нешто друго што мене ми остави лош впечаток – тоа е присуството на таа секојдневна особина на овој град – национализмот. Многупати слушнав од мои врсници дека не сакаат да дојдат на протест или воопшто да се прикучат во овие активности, поради етнички причини. Ок, доколку дишете различен воздух, албански и македонски – немојте. Жално е што како општество патиме од толку многу банални проблеми, во 21 век.
И по три години по ред протестирање, по мое мислење, сепак сме на почеток. Се уште се нема случено доволно масовен и прецизен протест и бунт за да доведе до некакви промени. Затоа, апелирам до сите мои врсници, наставници и професори, да се вклучат и да ги поттикнат останатите за поголема ангажираност, анимираност, истражување и решавање на овој проблем. Има доволно фактори кои загадуваат, особено дивата депонија која е оддалечена само еден километар од центарот на градот и која се пали со години. Од Југохром се бара инсталирање на филтри, што е и законска обврска, за еколошка дозвола од ,,А” категорија. Барање од општината за поголеми зелени површини, кои во Тетово речиси ги нема, исто така е потребно. Увозот на половните возила, особено оние на дизел гориво, исто така. Но, користењето на секакви материјали за огрев кои испуштаат штетни материи, е една од причините за загадувањето, за која секогаш се свестуваме и буниме во овој период од годината – зимскиот. Затоа што, другите фактори постојат и во текот на другите годишни времиња. Така што, има повеќе причини и начини преку кои можат да се решат овие нешта. Наша задача не е само да кукаме, туку да ги искористиме правата, кои дозволуваат барања до општината, пријавување загадувачи, предлози и протестирање. Ова мора да заврши, инаку тешко дека ќе видиме птици на пролет.
Ханис Багашов