Втора јавна дебата за медицинската примена на индискиот коноп

Канабис Клуб одржува втора јавна дебата на тема „Примената на индискиот коноп и канабиноидите во медицински цели“ во недела (20.12) во Амфитеатар 3 во Медицинскиот факултет, со почеток во 10 часот.

Дебатата се одржува кратко после најавата на министерот за здравство Никола Тодоров, дека во февруари 2016 година во Македонија ќе се легализира канабисот за медицински цели.

Министерството во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства, подготви Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели во Република Македонија.

Слична дебата во организација на Министерството за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства, претходно беше одржана во ноември. На неа учествуваа стручни лица од повеќе области на фармацијата и медицината, како и од регулаторните органи.