[Фото] Доста ни се статистики, чист воздух сега – скопјани протестираат поради загадувањето

„Филтри место финти“, „Уа дрводечачи“, „Шо праиме со воздухов?“ се дел од пораките кои ги испратија граѓаните пред општинската зграда на град Скопје на протестот со кој бараат почист воздух во градот.

„Доста беше молк“, скандираат присутните.

„Истече времето за статистики и анализи. Граѓаните бараат чист воздух сега“, порачаа пред присутните активисти од Skopje smog alarm кои повикаа за почитување на едно од основните човекови права загарантирани со устав – чиста животна средина.

Активистите додадоа и дека во Скопје се исечени повеќе од 2000 дрва поради што е спречен протокот на воздух во градот. Никој од жителите не може нормално да дише, велат, благодарение на одлуките на Град Скопје и градоначалникот Коце Трајановски без никакво учество на жителите. Поради тоа присутните побараа да се откаже од функцијата градоначалник, скандирајќи „Оставка!“.

Организаторите потсетија дека настанот е граѓанска иницијатива која се оградува од секакво политичко влијание чија цел е „пренесување на пораката дека не прифаќаме и не се помируваме да дишеме загаден, канцероген воздух како и покренување на свесноста на граѓаните за степенот на штетност на загадениот воздух“.

Протестот „Стоп за загадувањето на воздухот“ го организираат иницијативата на еко-активисти „Skopje Smog Alarm“ и граѓанска иницијатива „Заедно за заштита на зеленилото во Карпош“, поддржани од неколку иницијативи и граѓански здруженија.

12398908_10208220403456448_1771661912_n

12421435_10208220384695979_912832760_n

1931924_10208220386456023_817631523_n

Граѓаните побараа да се престане со сечата на дрва и да се забранат автомобилите кои не ги почитуваат еколошките стандарди, да се субвенционира јавниот превоз, да се проверат филтрите на сите фабрики, да се обезбеди бесплатна електрична енергија за социјално загрозените и да се запрат сите градежни работи.

Додадоа и дека се разочарани од одѕивот на граѓаните на Скопје, за кои сметаат дека треба сите до еден да излезат и да побараат здрава животна средина. „Овој воздух го дишат и нашите деца, и нивните, сите ние сме под исто небо“, порачаа.

Активистите на градоначалникот Трајановски му упатија и новогодишна честитка, пеејќи пародија на познатата песна, „All I Want For Christmas Is Air“.