Отсекогаш кога во домашна атмосфера сме разговарале околу државата и владините проекти на разни субвенционирања, грантови и други останати видови на финансиска помош, повозрасните секогаш ја користеа народната поговорка: „Водата од државен извор е солена“.
Не знам дали не можев или не сакав да го сфатам ова, но секогаш ми звучеше апсурдно. Наивниот идеализам во мене говореше дека суштината на постоењето на државата е да обезбедува еднаквост, овозможувајќи пред сè еднакви можности, но и финансиски интервенции во зависност од приоритетите. Сепак, одлучив да ја ставам под лупа „соленоста на државната вода“, па како студент анализирав одредени работи поврзани со студенскиот живот и проектите наменети за студентите.
Времето во кое живееме можеби не може да се нарече бурно, но е специфично. Имаме длабока политичка криза, долгови, но никој не сака да се „замара“ со политика. Не согледувајќи го сопствениот капацитет, дозволивме, а и сè уште дозволуваме секоја влада да создава послушни, а не паметни студенти. И тоа потполно се совпаѓа со онаа народната: „Наведната глава, сабја не сече“.
Во периодов сме бомбардирани од мега проекти наменети за студентите. Три нови студентски домови, бесплатен јавен превоз и најновата: бесплатно патување за најдобрите студенти. Тоа што сите студенти не можат да ги уживаат некои од привилегиите е прашање кое нема да го образложувам тука.
Да не се ближеа избори, ќе помислев дека луѓето кои треба да се грижат за ние да имаме подобар живот, почнале да си ја работат својата работа. Меѓутоа убаво звучи на телевизија кога слушаш дека нешто добиваш бесплатно и за момент помислуваш дека некој од сопствен џеб извадил пари и го спонзорира твоето возење со ЈСП, патувањето доколку си студент со добар просек, за по неколку секунди да сфатиш дека тоа го финансираме ние, нашите родители и сите граѓани на Република Македонија, полнејќи го буџетот. Форсирањето на т.н „бесплатно“ патување кај многу студенти предизвика желба, тоа да биде во еден правец, онака како што 600 000 луѓе „пропатувале“ од државава.
За измешаноста на приоритетите, зборува исто така еден факт кој Државниот завод за статистика континуирано го објавува, а тоа е невработеноста кај младите која е околу 50%, што нè доведе во топ 10 земји со рекордна невработеност кај младите според порталот „Бизнис инсајдер“.
И со малку анализирање на ситуацијата можеме да го резимираме целиот процес:
Континуираното задолжување, нам ни ги овозможува „бесплатните“ бенефити, чијашто цена допрва ќе ја плаќаме и не е сигурно дали ќе имаме време да го исплатиме тоа без да им оставиме долгови на нашите деца со оглед на минималните шанси за вработување на младите во нашата чудесна земја.И наместо да молчиме под изговорот: „Не се замарам со политика“, треба да сфатиме дека нашите предци во многу полоши услови се бореле и гинеле за ние денес да се „замараме“ со политика. Не случајно Аристотел човекот го именува како „зоон политикон“, односно политичко суштество, затоа што наша должност е да учествуваме во она што се вика јавно мислење, учество во креирањето на политиките, партиципативност во општествените процеси.
Мораме да сфатиме дека државата не е нешто туѓо, туку наше!
Мораме да сфатиме дека парите во буџетот се наши пари!
Мораме да реагираме на обидите за манипулација со нас! Мораме да сме спремни да се спротивставиме на одлуки кои во иднина би значеле товар за нас, дури и нашите деца!
Затоа, пред да го изедеме она што ни се сервира, треба да го провериме квалитетот и оправданоста. Ние сме тие кои избираме дали нашиот живот ќе го потрошиме во Македонија или надвор од неа! Ние сме тие кои треба да ги создаваме насоките во кои ќе се движи државата, затоа што студентите по дефиниција се суштества кои го носат напредокот во државата! Ние сме тие кои треба да го бараме најдоброто, а не понуденото! Ние мораме да ја водиме нашата битка и да ја коригираме секоја влада, секој политичар и да ги научиме нашите избраници дека пред да донесат некоја одлука поврзана со нас и нашата иднина, дека Ние треба да седиме на иста маса со нив и заедно да го сковаме најдоброто решение. И доколку сите што се водат од помислата „ништо не може да се смени“, направат нешто за да се смени, навистина ќе се смени!
И така, водата од државниот извор повеќе нема да е солена, туку слатка, затоа што ние мораме да сфатиме дека сме ние тие кои треба да го одредуваат количеството на сол во неа!
Ѓорѓи Рајчиноски, Студентски пленум