Утревечер во Големиот физички амфитеатар на Природоматематичкиот факултет, со почеток од 17 часот ќе се одржи Light Fantastic, настан наменет да ја доближи фантастичната природа на светлината преку спектакуларни експерименти и демонстрации до посетителите.
„Настанот се одржува по повод Интернационалната година на светлината, која и ние сакавме да ја одбележиме на некој начин. Настанот е регистриран и на официјалниот сајт на годината на светлината. Основната цел е пошироката публика да се запознае со улогата на светлината во нашите секојдневни животи и да се демонстрираат некои највообичаени нејзини феномени што се среќаваат насекаде“, вели Марко Шунтов, член на Македонското друштво на студенти физичари.
Влезот е отворен за сите, но е ограничен на 250 посетители. Од здружението замолуваат посетителите да пристигнат барем десетина минути порано, бидејќи по почетокот на настанот влезот ќе биде затворен, а просториите затемнети.
Инаку, Интернационалната година на светлината се состои од координирани активности на национално, регионално и интернационално ниво во рамки на Обединетите нации. Активностите се смислени за луѓе од сите возрасти и групи да дознаат повеќе за улогата на светлината во науката и културата.