Државниот испитен центар информира дека утре (25 декември) ќе бидат објавени прашањата за екстерното тестирање за учениците од завршните години на средното образование.
„Објавениот базен со прашања ќе содржи повеќе од 85 000 прашања. Базата е освежена со 20 отсто нови прашања. Во следните две недели поточно до 8 јануари 2016 година, јавноста ќе може да остава коментари за конкретните прашања. Прашањата за кои ќе има валидни и конструктивни коментари ќе бидат соодветно корегирани. Со цел прочистување на базата и зголемување на квалитетот на прашањата ги повикувам сите засегнати страни (ученици, професори, родители) да се вклучат во проверка на прашањата и заеднички да ги подобриме“, стои во соопштението на Државниот испитен центар.
Веб страницата на која може да се видат прашањата и да се остави коментари е www.prasanjaeksterno.dic.edu.mk.
Средношколскиот и Наставничкиот пленум алармираа на бројни нерегуларности и нелогичности во прашањата. Средношколците поднесоа 3000 приговори до Државниот испитен центар за јунското тестирање, меѓутоа речиси половина беа прогласени за неосновани. Најголем број од приговорите беа за предметите математика, македонски, информатика и биологија.