Министерството за животна средина и просторно планирање очекува дека во престојните денови граѓаните ќе дишат уште позагаден воздух, па затоа предлага препораки и мерки што ќе ги упати до Владата.
„Овие мерки ги предлагаме врз основа на мерењата на Институтот за хидрометеорологија кои покажуваат дека следните десет дена ќе бидат полоши за сите нас, така што овие мерки ќе треба да ги спроведеме“, рече министерот Нурхан Изаири на денешната прес-конференција.
Мерните станици на Министерството повеќе од десет дена по ред забележуваат повеќекратно надминување на граничните вредности на ПМ честичките. Поради тоа се предлагаат следните мерки:
-да се интензивираат активностите за чистење на улиците, особено околу градилиштата
-да се врши секојдневна, вонредна контрола на индустриските капацитети кои подлежат на А и Б интегрирани еколошки дозволи
-ослободување од работни обврски на хроничните болни, бремените жени и лицата постари од 60 години
-започнување на зимскиот распуст за основните и средните училишта на 28.12.2015 година, додека децата од предучилишна возраст да не се носат во градинки
-да се зголеми фреквенцијата на автобуси и да се намали цената на билетот, за тоа да ги стимулира граѓаните да го користат јавниот превоз
-да се воведе редуцирана работа на индустриските капацитети, да се сопрат градежните активности и да се ослободат работниците кои работат на отворено
Вечерва, пак, во владиниот Комитет за заштита на животната средина дополнително ќе дискутира за воведување на мерката пар/непар за автомобилите.
За граѓаните, Министерството упати препораки да го користат јавниот превоз, возилата да не ги користат без поголема потреба и повеќе лица да се возат со едно возило во исто време, како и да не се користат штетни материјали за затоплување на простории.
Министерството ќе ги достави предлог-мерките до Владата, која според министерот може уште утре да заседава и на вонредна седница да ги усвои.
Претходно, повеќе од 20 граѓански здруженија и иницијативи од неколку градови повикаа на масовен протест во понеделник пред Владата, за да го искажат револтот од алармантната состојба со загадениот воздух.