Лехакое Маседи и Нкахисенг Ралепели се студенти од Јужна Африка, кои изминатиов викенд учествуваа на дебатниот турнир Skopje Open. Од она што успеале да го видат овде, велат, сите млади имаат исти проблеми, без разлика од каде доаѓаат. Во разговор со Радио МОФ зборуваат за проблемите на младите во нивната земја, дебатирањето и начините на кои тоа им помага во општеството во кое живеат.
Што ве натера да го кренете гласот и да почнете со дебатирање?
Л. Маседи: За мене лично, немаше некој конкретен настан од мојот живот кој ме натера да дебатирам. Едноставно, како индивидуа за мене послужи како начин да се соочам со проблеми како недемократското општество, правата на жените и слично. Дебатирањето е културен начин да се соочиш со некој за одредени теми.
Н. Ралепели: Најпрво дознав за дебатирањето во средно училиште од еден од моите пријатели, и кога се обидов, се вљубив во овој начин на аргументирано изразување. Почнав да учествувам на многу турнири и да инвестирам во себе на тој план. Дебатата може многу да ви ги отвори очите за одредени ситуации во вашиот живот, како треба да функционира политиката, па дури и најмалите, микроскопски нешта, како врски со луѓето кои ги знаете и начинот на дипломатски разговор со нив. Голем придонес е да ја употребите дебатата во секојдневната комуникација.
Од кога се занимавате со дебатирање? Имате ли некои поголеми достигнувања на турнири?
Л. Маседи: Јас започнав со дебатирање во февруари минатата година, а прв пат учествував на поголем турнир во јули. Годинава двајцата како тим освоивме многу голем и значаен турнир во Јужна Африка, а бевме и меѓу финалистите на националното дебатно првенство. Сме учествувале и на повеќе напревари низ светот.
Н. Ралепели: Јас се занимавам со дебатирање од средно, како што напоменав и претходно, бидејќи во моето училиште се сметаше за многу важна работа. Уште оттогаш имав освоено неколку турнири. На турнир надвор од Африка прв пат учествував подоцна, во Европа, кога со група пријатели стигнавме до финале. Оттогаш најчесто учествувам на интернационални турнири.
Зошто е дебатирањето важно за вас?
Н. Ралепели: Добро е и затоа што те става во средина меѓу контрастни идеи. Не го гледа секој светот онака како што го гледате вие, и полесно ќе сфатите од каква средина некој доаѓа, какво е нивното гледиште на одредени ситуации и да се обидете да ги разберете пред да донесете избрзан заклучок или стереотип за нив.
На кој начин е македонската младина, од она што успеавте да го видите од комуникацијата со нив, поразлична од младите кај вас?
Л. Маседи: Генерално гледано, мислам дека сите ние се соочуваме со истите пречки. Иако доаѓаме од различни страни на светот, всушност сме многу слични. И Македонија, и Европа генерално, се соочува со невработеност, лошо образование и слично, и мислам дека она што ни недостига на сите е поголема вложеност, соработка и правилно инвестирање на владите.
Колку ни е потребен ваков начин на изразување во едно современо, демократско општество?
Л. Маседи: Мислам дека треба многу повеќе дебатирање од тоа што го имаме. Голема несреќа е што дебатирањето моментално е достапно само за луѓе кои имаат пристап до ексклузивни клубови на универзитетите и приватните училишта, и најчесто луѓето кои се веќе либерални и веќе имаат поотворени убедувања се занимаваат со дебата. Дебатирањето мора да биде подостапно за сите припадници на општеството.
Н. Ралепели: Јас сметам дека и владите треба да вложуваат повеќе во дебатни клубови, бидејќи е многу добар начин да имаат поактивни граѓани кои се поспособни да учествуваат во создавањето на политики и носење одлуки.
Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат младите во Јужна Африка? Како можете да го искористите дебатирањето за повеќемина да ве слушнат, да ги инспирирате и заедно да направите промена?
Л. Маседи: Во Јужна Африка се соочуваме со многубројни и големи проблеми, од оние вообичаените како невработеност, па сѐ до СИДА, бременост кај малолетници, предвремени бракови, сиромаштија… Околу 80 посто од Јужноафриканците се сиромашни, а плаќаат големи даноци. Мислам дека со дебатирање, преку социјалниот аспект на оваа дисциплина, можеме да помогнеме при соочувањето и свесноста за овие појави. Повеќе луѓе можат да знаат како да се справат со безработицата и болестите и начините на кои владите можат да им помогнат, ако ваквото изразување им е подостапно.
Н. Ралепели: Во Јужна Африка има една организација наречена Debate Africa, која подготвува млади за дебатни турнири и им помага на различни начини. Преку дебатирањето, членовите контактираат со повеќе млади од земјата и на некој начин тоа ги оттргнува од лоши навики. Преку таквото ангажирање, на некој начин им се менува животот.
Што после Skopje Open?
Л. Маседи: Одовде патуваме директно во Солун, на Светскиот универзитетски дебатен шампионат. Годинава што доаѓа веројатно ќе учествуваме и на други турнири.
Стефанија Тенекеџиева