Со транспаренти во рацете и заштитни маски на лицето голем број граѓани вечерва се собраа пред Владата за да побараат итни и конкретни мерки против енормното аерозагадување.
„Ако до 15 јануари не се имплементираат мерките, најавуваме блокади и протести во сите градови кои се загадени, се додека не почне вистински да се презема нешто“, изјави пред присутните водителот и активист Огнен Јаневски најавувајќи ги барањата од овој протест.
Присутните делеа заштитни маски, а поставија и макета од бели дробови пред Владата. Сите побараа почитување на едно од основните права загаринтирани со Уставот – чиста и здрава животна средина.
Аријанит Џафери од Еко Герила-Тетово се пожали на, како што рече, лажгите на институциите кога станува збор за загадувањето во неговиот град.
„Почитувајте го уставот. Инвестирајте во нашата иднина наместо да го градите минатото“, истакна тој пред присутните.
Ангела Илиевска од „Ќе дишеме или ќе издишеме“ изјави дека е револтирана бидејќи надлежните во кризни состојби делат само препораки.
„Еден ден се прогласува за ден на дрвото , а секој нареден е ден на бетонот. Во Скопје се спречи струењето на воздухот, но и струењето на слободната критична мисла. Додека вие се борите за партиски рејтинзи, Скопје се најде на листата на назагадените градови во светот. На мене ми е потребно само чист воздух за да го преживеам овој ден“, истакна таа раскажувајќи за сопствената голгота низ здравствениот систем поради нарушеното здравје од загадениот воздух и храна.
Горјан Јовановски, програмерот чија апликација „Мој воздух“ ја користат повеќе од 30 000 граѓани посочи дека е задоволен бидејќи се буди свеста за аерозагадувањето.
„ Во Скопје по 15 часот се зголемува аерозагадувањето, а се намалува во вечерните часови. Луѓето не го прават тоа бидејќи сакаат, туку немаат средства за греење. Неквалитетните увезени возила и фабриките придонесоа загадувањето да биде енормно. Барам дел од буџетот кој е наменет за барокни згради и бродови да биде за субвенции за сиромашни семејства за греење и гасификација“, истакна Јовановски.
Со него се согласи биологот и активист, Кирил Арсовски.
„Повеќе лажги и дезинформации во животот не сум слушнал. Оваа година исекоа паркови и безброј дрвја, го уништија Водно, а за тоа ги обвинија оние кои немаат пари да се вклучат на парно и имаат стари автомобили. Бараме мониторинг и одговор зошто не се казнуваат тие што најмногу загадуваат“, рече тој во својот говор пред присутните.
„Ако самите не знаете како да ги спроведете, ние ќе ви покажеме. Патот до правдата е долг, но ќе ве стигнеме“, порача Бујаровска.
Денешниот протест го поддржаа над 20 организации, движења и граѓански иницијативи. Тој доаѓа во време кога во градовите Скопје, Тетово и Битола концентрациите на прашина, односно ПМ10 честички во воздухот се и 15 пати над максимално дозволените.