[Галерија+Видео] Граѓаните пред Влада: Сопрете го загадувањето, а не нашето дишење

Стравот, револтот и гневот од огромното загадување натера голем број граѓани да излезат вечерва на протест пред Владата, со што се спротивставија на неажурноста на институциите во решавање на проблемот. Тие им порачаа на надлежните дека не се откажуваат од борбата за основното право на здрава животна средина и поставија ултиматум до 15 јануари одговорните институции да преземат реални мерки, во спротивно следуваат блокади на загадените градови.

ПРОТЕСТ ЗА ВОЗДУХ ПРЕД ВЛАДА: ИТНИ МЕРКИ ДО 15 ЈАНУАРИ ИЛИ БЛОКАДИ ВО ЗАГАДЕНИТЕ ГРАДОВИ

„Сполајти со модерниот канцер кој се вдомил и му е убаво. Тука сум да си кажам себеси и нив дека е доста. Тука сум да го покажам мојот револт, гнев и страв, тука сум за мојот син кој не знае да се спротивстави на нивното безумие. Тука сум да ги потсетам оние кои поради партиски директиви не излегоа на протестот. Тука сум да им кажам дека нема да дозволиме да газат по нашите фамилии, бидејќи за нас се работи“, порача Иван Чулаковски од битолското здружение „За нас се работи“.

Со протестот, граѓаните им посочија на надлежните дека препораките не водат кон никакви резултати, туку е потребен долгорочен план кој ќе го изготват и почитуваат Министерството за животна средина, власта и локалните самоуправи.

„Тука сме да им кажеме дека и ние сме луѓе. Зборуваме различни јазици и веруваме различно, но не гледаат како гласачки листови и банкомати. Не ни продавајте магла, туку справете се со неа. Од Тетово имаме барање да ги поставете тие филтри на „Југохром“, макар и во барок да биле. Бараме да го сопрете загадувањето, бидејќи не можеме да го сопреме нашето дишење“, рече во своето обраќање Аријанит Џафери, од тетовската иницијатива „Еко герила“.
За време на протестот, свои говори одржаа уште неколку претставници од здруженија и иницијативи. Активистките на еколошката организација „Еко свест“ од Скопје, на саркастичен начин демонстрираа како да се користи маска, според кои е единствен метод за заштита на луѓето од загаденоста.
Дел од атмосферата на протестот може да ја проследете низ фотографиите и видеото во продолжение.