Во текот на новогодишната ноќ на Клиниката за токсикологија се примени 30 лица под дејство на алкохол, од кои 60 отсто се машки, а 40 отсто женски лица, малолетни под 18 години биле шест, од кои најмалата има 14 години.
– Главно се работеше за интоксикации со алкохол, додека во три случаи биле со марихуана и со психоактивни супстанци како што се екстази и други разни таблети, изјави в.д. директорот на Клиниката, Нестор Поповски кој додаде дека сите примени лица завршија добро, испратени се дома и никој не е задржан на натамошно лекување.
Посочи дека од трите лица кои биле примени со марихуана едното било малолетник, а двајцата биле повозрасни.
Директорката на Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ Јасмина Чабуковска информира дека во текот на вчерашниот ден се прегледани 97 пациенти, од кои во попладневните и вечерните часови се прегледани 43, од кои шест се повредени во сообраќајки, шест се повредени во тепачки, а останатите се повреда при пад на лизгав терен или дома и болки во стомакот.
– Од нив се хоспитализирани тројца, една пациентка е од сообраќајка примена на Одделот за трауматологија со повреди на главата, а вториот случај е пациентка повредена при пад дома со фрактура на бутната коска и еден пациент е со перфориран чир на дванаесетпалачно црево кој не е дел од новогодишните прослави, но е опериран непосредно пред полноќ, рече Чабуковска.
Посочи дека во однос на претходните години изминатата ноќ во однос на повредите помина мирно.
Д-р Христијан Костов од Ургентниот хируршки центар при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедија, реанимација и интензивно лекување рече дека во текот на новогодишната ноќ во таа јавна здравствена установа биле примени 63 пациенти, од кои 12 биле повредени во сообраќајна незгода, а шест во тепачка.
Појасни дека пет пациенти биле примени на Клиниката, односно тројца биле примени на Клиниката за трауматологија, двајца со повреди на потколеницата и еден со повреда на вториот слабински пршлен.