Последниве неколку години, образованието беше мета на голем број реформи. Се воведе полагање на матура, екстерно тестирање, употреба на преведени книги од странски факултети и што уште не. Слично нешто се случи и со здравствениот сектор, но се случи и во високото медицинско образование, не толку добро познатиот Закон за медицински студии и континуирано стручно усовршување на докторите по медицина.
Она што многу малку луѓе знаат е дека всушност овој закон беше прекурсор на новиот Закон за високо образование со полагање на државен испит по завршување на втора година студии, задолжително учење на странски јазик, учење од лошо преведени странски книги и задолжителна пракса. Овој закон беше донесен во 2013 година, прилично лесно и без многу кревање на прашина. Студентите по медицина во Скопје, тогаш се обидоа да се борат против овој закон, но за жал единственото нешто во кое успеаа е само малку да го ублажат.
Во февруари и март 2015 година, студентите по медицина повторно се кренаа против реформите, овој пат инспирирани од своите колеги од Студентскиот пленум. Повторно никој не сакаше да слушне.
Зошто е овој закон толку лош? Најпрво, бидејќи ја нарушува автономијата на нашиот Медицински факултет, а со тоа ја нарушува и уставно загарантираната автономија на универзитетот.
Како ја нарушува автономијата? Со тоа што предвидува полагање на прв дел државен испит, по завршување на втора година на студии, организиран од Министерството за здравство (МЗ), а спроведен од Лекарската комора на Македонија (ЛКМ). Точно е дека лекарската е контролирана професија, но само откако ќе дипломираме на Медицинскиот факултет. Понатаму, се наметнува користење на лошо преведена стручна литература, која во голема мера не соодветствува со курикулумот или пак со степенот на развивање на медицината во Македонија. Да не зборуваме за фактот дека е скоро физички невозможно да се изведат 45 работни дена пракса во првите 2 години од студиите. Предвидени се истите да се изведуваат преку лето, но за студентите по медицина само јули е слободен месец.
Интересното е што претходното лето беше првото кога ваквите пракси требаше да се изведат. Болниците не биле известени дека студентите со тазе завршена прва година ќе им шетаат низ ходниците бидејќи никој не им дал програма. Министерството повторно беше тивко.
Се наоѓаме во држава во која здравствениот систем се спрема за целосен колапс. Згора на тоа, за неколку години во тој корумпиран здравствен систем ќе влезат и првите дипломци според новиот закон. Полагале „државен испит“ на веќе научени прашања со понудени одговори, учеле од книги каде наместо мочен меур пишува жолчно ќесе (грешка во книгата „Патологија по Робинс“) и оделе на пракса, каде само земале потпис и се вратиле дома.
Факт е дека има потреба од целосно реформирање на медицинското образование во Македонија. Постојниот систем кој е составен од дел од Болоњскиот ЕКТ-систем, дел од стариот социјалистички систем, на крај зачинет со нешто ново, правен по германски теркови веќе едноставно не функционира. Дипломира кадар, кој е нестручен и необучен во доволно добар степен за да може да се справува со секојдневните предизвици на лекарската професија.
Потребно е граѓаните да се информираат за овој доста сериозен проблем бидејќи во најмала рака нивните животи ќе зависат од искуството на лекарите кои утре ќе ги лекуваат. Потребно е веднаш да најдеме решенија за овие проблеми и да воведеме систем кој не е краден од други земји, туку реформи кои ќе бидат моделирани на нашиот постоен систем. Долгорочно решение кое ќе биде изработено заедно со студентите, професорите и лекарите, оние кои најдобро го познаваат системот и проблемите кои ваквите штетни закони ги отвораат.
Демијан Хаџи-Ангелковски, Студентски пленум