Според предлог-законот за скијалишта, кој е веќе во собраниска процедура, предвидени се редица казни за непрописно скијање, јавува Алсат-М. Казните нема да ги пишуваат полицајците, но според предлог-законот кој го подготвило Министерството за транспорт и врски, скијачите ќе плаќаат од 30 до 300 евра ако направат некои од следниве прекршоци:
– Невнимателно и брзо скијање со оглед на условите на патеката
– Опасно претекнување на патеката
– Непочитување на поставените ознаки и сигнализација
– Скијање со неисправна и несоодветна опрема
– Скијање под дејство на алкохол, дрога или психоактивен лек
– Скијање наназад
Надлежни за пишување казни ќе бидат инспекторите за спорт. Но, во законот не е наведено како ќе се докаже дека, на пример, некој скијач вози побрзо отколку што е дозволено или вози под дејство на алкохол.
Појаснување, но и реакции за дел од дилемите може да се очекуваат и од ски-центрите, бидејќи од нив се бараат голем број на услови за да можат да работат, а за нив се предвидени казни и до 3.000 евра по различни основи.