Младински образовен форум, во рамките на проектот „Historija, Istorija, Povijest – Lessons for Today“ отвора повик за средношколци од Скопје кои би сакале да поминат обука за водичи на изложбата „Anne Frank: A History for Today”. Одбраните средношколци ќе поминат дводневна обука за водење на изложбата која ќе се одржува на 22 и 23 јануари, 2016 година, со тренери од Македонија и Хрватска. Водичите ќе имаат можност да водат организирани тури за посета на изложбата во Музејот на холокаустот во текот на февруари 2016 година. Отварањето на изложбата е на 27.01.2016.
Проектот HIP – Lessons for Today, e проект поддржан од Европска Комисија, на кој МОФ е партнерска организација која го имплементира проектот во Р. Македонија. Носител на проектот е организацијата Anna Frank House од Амстердам.
Проектот „Historija, Istorija, Povijest – Lessons for Today“ има за цел да го покрене вниманието и поттикне дискусија за настаните од блиското минато на Западен Балкан, кои се причина за различни поделби и генерирање на конфликти во минатиот век. Преку промовирање на критичко размислување за настани од историјата и нивното значење во современото време и случувања, целта на Anna Frank House (АФХ) и партнерите е да се постигне помирување преку дијалог за заедничкото минато.
Обуката е отворена за сите средношколци од Скопје, а аплицирањето се врши со пополнување на кусиот прашалник на овој линк, најдоцна до 17.01.2015 година.
„Anne Frank: A History for Today”
Во 1985 година, Anne Frank House од Амстердам создава патувачка изложба која се фокусира на животот на Ана Франк. Изложбата е создадена за да овозможи запознавање со животот на Ана Франк од страна на оние лица кои немаат можност да заминат во Амстердам и да ја посетат Куќата на Ана Франк.
Изложбата раскажува за животот на Ана Франк, тинејџерка која живееле во криење од нацистите во Холандија. Додека била сокриена, таа водела дневник. Таму пишувала за надворешниот свет, за животот во бегство и криење и за своите чувства. Освен за нејзиниот живот, изложбата опфаќа информации и за светската историја.
Куќата на Ана Франк промовира врсничка едукација, при што млади луѓе се учители на своите врсници. Тие самите отвараат дискусии, истражуваат и споделуваат мислења и знаења.