Мобилната апликација „Мој воздух“ со која граѓаните можат да се информираат за тоа каков воздух дишат во даден момент, според министерот за животна средина Нурхан Изаири не дава точни информации. Тој смета дека граѓаните треба да се информираат од страницата на Министерството, бидејќи таму биле прикажани податоците според пропишаните регулативи.
„Со тие телефонски апликации потребно е реално да се информираат луѓето, бидејќи се даваат погрешни информации. Информациите што ние ги даваме, ги даваме според директивите на Европската унија и другите земји. Ќе видиме зошто имало такви работи и каде е проблемот“, изјави Изаири на денешната прес-конференција по повод годишниот извештај за сработеното на Министерството.
Тој рече дека одговорните за апликацијата биле веќе повикани на средба, на која ќе согледаат каде е пропустот.
Главниот креатор на „Мој воздух“ Горјан Јовановски не се согласува со изјавата на министерот Изаири. Тој тврди дека информациите што апликацијата ги прикажува се преземаат од серверите на Министерството, а ниту пак бил повикан на средба.
„Ако има некоја грешка, тоа е кај нив. Кај мене може само да фали некој податок или да доцни, но не и да е различно. Имавме проблем со доцнење на информациите од еден час, но тоа е решено“, изјави Јовановски за Радио МОФ.
Тој вели дека пред речиси две недели самоиницијативно отишол во Министерството за да разговара со надлежните за проблемите со серверите, но министерот не бил присутен. Според Јовановски, по протестот за загадување пред Влада, апликацијата била цел на напад, односно нормалните 200.000 пристапувања на секој час, нагло се накачиле на повеќе од девет милиони.
На тој протест, повеќе од 20 организации му поставија ултиматум на Министерството до 15 јануари да преземе конкретни мерки, во спротивно следуваат блокади и протести во загадените градови. Два дена пред рокот, Изаири вели дека во соработка со Владата интензивно се работи на подобрување на амбиенталниот воздух во државата.
„Јас не знам некој да ни предложил мерки. Тоа што прочитав по медиумите, тие предлози ги имаат прочитано многумина од нашата веб страница. Тие мерки веќе неколкупати ги имаме дадено. Ние предложивме и минатата година мерки до општините, се разбира и до Владата. Некои од тие мерки беа прифатени и на Влада, но некои дополнителни мерки беа прифатени и од општини. Дел од нив поради нивни причини кои ги објаснија не ги прифатија“, одговори Изаири на прашање на Радио МОФ.
Министерот информира дека во ноември 2015 година, набавиле резервни делови кои ќе се користат за сервисирање и поправка на голем број од инструментите во мониторинг станиците во висина од 126 000 евра. Во декември и овој месец се очекува нивна испорака.
Од Министерството велат дека е започната кампања со која ќе се мерат концентрациите на канцерогените ПМ 10 честички во Тетово и Скопје, со помош на мобилни мерни уреди. Мерењата треба да се вршат во период од шест месеци, со земање на примерок на секој трет ден, кои потоа ќе бидат подложни на хемиска анализа. Во Тетово вакво мерење започна на 1 октомври 2015 година, на едно мерно место и ќе трае четири месеци, при што во земените примероци ќе се определат само концентрациите на тешки метали. Резултатите од овие мерења се очекуваат да бидат готови кон крајот на април. Во другите градови, вакви мерења ќе се прават само по потреба.
Е.П.