Codefest 2016 ќе претставува програмерски маратон за младите ИТ ентузијасти, кои имаат можност да развиваат свои идеи во рок од маратонски 32 часа, најавуваат организаторите на настанот.
Оваа година фестивалот треба да ги обедини и поврзе сите страни на ИТ заедницата, не само студентите, средношколците и ИТ професионалците, туку и ИТ бизнис секторот, образовниот сектор, стартапите и инвестициските фондови. Настанот е најавен за 15-17 април во хотелот Инекс Горица во Охрид.
„Codefest ќе содржи три активности: Codeference – еднодневна технолошка конференција, Codefest Marathon – веќе добро познатото маратонско кодирање од 32 часа, и CF X – Business Expo – изложбено експо за претставници од ИТ бизнис секторот и образовните институции.
Настанот започнува на 15-ти април со Codeference, каде поголем број предавачи и панелисти од земјава но и од странство ќе имаат свои обраќања на теми поврзани со технологија, иновации, дигитален маркетинг, стартапи и развој на бизниси, инвестиции, а ќе се даде осврт и на моменталната состојба во Македонија и регионот, како и предлози за забрзан технолошки развој и преглед на можностите за подобрување на состојбата.
Веќе се најавени и првите говорници на конференцијата, меѓу кои се забележуваат интересни профили од Словенија, Полска, Бугарија, Хрватска и Босна и Херцеговина. Конференцијата е отворена за сите заинтересирани посетители од регионот, а регистрациите веќе се започнати со pre-booking на следниот линк.
Codefest Marathon го задржува фокусот исклучиво на студенти од технолошки факултети и поврзани области, кои во тимови од 2-5 члена можат да аплицираат со сопствена идеја и без претходни подготовки да добијат можност истата да ја развиваат до демо или прототип верзија во текот на маратонски 32 часа.
Оваа година маратонот добива и силен интернационален карактер, со тоа што стана официјален член на светски познатата лига на хакатони, Major League Hacking. Со ова тимовите-учесници ќе добијат поголема интернационална видливост, како и светски признанија за најдобрите тимови.
Паралелно со Codeferenceи Codefest Marathon, ќе се одвива CF X – Business Expo, на кое компаниите и другите институции ќе имаат можност во свој изложбен простор да ја претстават својата работа и да ја покажат својата одговорност кон вклучување на вакви настани. На ова експо, компаниите ќе можат да се запознаат и да остварат соработки со дел од присутните експерти, говорници и претставници на други компании, а истовремено ќе имаат и пристап до квалитетни и талентирани млади луѓе и можности за on-site регрутација“, соопштуваат организаторите на настанот.