Анализата на законската рамка за образование и можностите за вклучување на отворените образовни беа презентирани денеска, во Центарот за конференции и студии при Националната и универзитетска библиотека во Скопје. Aвторот, д-р Климе Бабунски посочи дека во анализата биле опфатени четири закони: Законот за основно образование, за средно образование, за учебници за основно и средно образование, како и Законот за авторско право и сродни права.
Според Бабунски, една од најголемите промени во процесот на образованието е појавата на концептот за отворени образовни ресурси. За време на презенатацијата беа дадени одредени заклучоците и препораки.
Во заклучоците се наведува дека е позитивно тоа што во постојниот образовен систем не се затвораат можностите за отворен пристап до образовни ресурси, но отворениот пристап до учебниците не е јасно дефиниран дел од образовната политика и не е состојба на свест. Сегашниот нормативен концепт на образовниот систем, не го оптимизираат образованието во контекст на дигитализација на општеството, смета авторот, а Бирото за развој на образованието треба да предводи во отворањето на учебниците.
„ Хармонизацијата на чинителите на отворениот пристап до образовни ресурси, а во прв ред отворениот пристап до учебници, треба да почне со законско и со програмско дефинирање во рамки на образованието. Во дефинирањето треба да учествуваат државни, стопански, професионални и граѓански организации. Само на овој начин отворениот пристап ќе стане состојба на заедничка свест“, се вели во заклучоците од анализата.
Главните препораки кои беа презентирани се:
– Во Законот за авторско право и за сродни права да се вгради норма за авторство во контекст на јавен интерес и на јавни финансии како координативни точки на отворениот пристап, од една страна, и од друга страна, да се унапреди заштитата на авторството и на сродните права, но да се унапреди и правото на отворен пристап до такви дела, особено кога се работи за образовни средства.
– Паралелно, во Законот за учебници, треба да се востанови норма за отворениот пристап до учебници, како оптимално остварување на јавниот интерес во образованието.
– Законски дефинираниот отворен пристап до учебници треба да стане сегмент во плановите, програмите и во концептите што Бирото за развој на образованието ги создава во рамки на учебниците и на другите образовни средства, на пример, работните тетратки.
Воведувањето на „отворениот пристап“ како еден од основните принципи во учебникарството треба да резултира и со јасна координирана политика, која ќе опфати различни, институционални и неинституционални субјекти, но секогаш во центарот на таквата политика ќе бидат авторите и нивните права.
-Отворениот пристап соодветно на техничките можности и стандарди (на пример: Web 2.0) треба да ја поттикнува комуникацијата и креативноста, деформализирајќи го односот учител – ученик и создавајќи основни услови за посуштинска и посеопфатна дигитализација на образованието.
– Законската и подзаконската нормираност на отворениот пристап до учебниците треба да иницира концепциско редефинирање на порталот „е-учебници“.
Анализата, која е достапна за преземање во електронска форма на македонски и англиски јазик, е мотивирана од неколкугодишната работа на полето на отворени образовни ресурси и препораките добиени од работната група за отворени образовни ресурси составена од членовите на Алијансата за отворени образовни ресурси.
Алијансата за отворени образовни ресурси е отворена група на поединци, организации, институции кои функционираат како неформална мрежа со заедничка цел – подигање на свеста и капацитетот на академската и научната јавност за создавање и користење на отворени образовни ресурси во Република Македонија.
Проектот „Иницијатива за отворени образовни ресурси“ има за цел да влијае на подигање на свеста и капацитетот на академската јавност за создавање и користење на отворени образовни ресурси во Република Македонија. Спроведувач на проектот е фондацијата Метаморфозис.