Во знак на протест поради немање матичен гинеколог, иницијатива на жени од Шуто Оризари денеска изведе перформанс пред амбулантата во општината. Со ленти на устата и транспаренти со пораки за лошите здравствени услови, тие го прашаа министерот за здравство, Никола Тодоров кога планира да ги исполни ветувањата за подобрување на здравствената заштита за жените во оваа општина.
Тие се револтирани бидејќи поради непостоењето на матичен гинеколог немаат пристап до редовни и навремени прегледи и услуги, со што сериозно се става под ризик нивното и здравјето на бебињата.
Жените побараа одговори, но и одговорност од министерот за здравство и градоначалникот на општина Шуто Оризари, Елвис Бајрам.
Во ноември минатата година, министерот Тодоров најави итно распишување на оглас за матичен гинеколог во Шуто Оризари и финансиска стимулација во висина од 15 илјади денари месечно за период од 2 години. Сепак, за оваа сума гинеколозите јавно изјавија дека е далеку од доволно за да се мотивираат.
Салија Халим Бекир го запраша министерот Тодоров што ќе направи доколу не се пријави матичен гинеколог до крајот на јануари.
„Го прашуваме и градоначалникот, што ќе направи за да помогне во решавањето на проблемот на Ромките од општината. Со програмата на министерството за здравство за активна заштита на мајките и децата за минатата година беше регулирано дека Ромките ќе бидат посетувани барем два пати месечно од патронажни сестри. Резултатите од терен покажуваат дека само 5,6% ја добиле оваа услуга, и тоа само еднаш“, рече Халим Бекир.
Според неа, недоволниот кадар и немањето возила за теренски посети се главни причини кои патронажните сестри ги наведуваат за непосетувањето на бремените жени. Неодамна од министерството најавија и домашна визита со која се предвидува патронажните служби да прават посети на бремените жени од социјално ранливите групи и примателките на социјална помош.
„Како планира министерот да се подобрат состојбите и да ја реализира оваа мерка? Дали ќе го зголеми бројот на вработените патронажни сестри во 2016 година и дали ќе набави патронажни возила?“, праша Халим Бекир.
Според законот секоја бремена жена треба да добива целосно бесплатни услуги кај избраниот матичен гинеколог.
Повеќе од осум години наназад гинеколозите немаат интерес за огласите за матичен гинеколог во Шуто Оризари. Според статистиките на Иницијативата на жени од Шуто Оризари, во 2015, на дури 83,7% од бремените жени им било незаконски наплатена услугата ЕХО – преглед во ординацијата кај матичните гинеколози. На 67% од Ромките им било наплатено повеќе од сумата за партиципацијата за услугата ПАП тест кај матичните гинеколози.
Во оваа програма и во 2014 беше предвидено 1500 Ромки да добијат бесплатни микробиолошки тестови два пати во текот на бременоста, но во Шуто Оризари ниту една бремена жена не ја искористила оваа услуга.
К.О.