Здружението на граѓани од Битола „За нас се работи“ се револтирани од најавите за продажба на Официрскиот дом во Битола, зграда која е обележје на градот и историски споменик на културата. Тие упатија барање до градоначалникот на Битола, Владимир Талески, јавно да го искаже својот став за ваквата одлука.
„Не сакајќи да се доведеме до недоразбирање и да потпаднеме под разни шпекулации, молиме Вашиот јавен став да го изразите итно и транспарентно. Доколку се откажувате од било каква одговорност и ја префрлите одговорноста на продавачот на објектот, Владата на РМ која воедно е сопственик на истиот, Ве молиме изјаснете се и по тој повод, за активностите кои ќе ги преземеме да бидат резултат на Вашето дистанцирање од овој заеднички проблем. Со надеж дека јавно и транспаретно ќе го искажете Вашиот став и ќе одговорите на ова наше барање, Ве поздравуваме со нашиот слоган – За нас се работи“, стои во барањето на Здружението упатено до градоначалникот Владимир Талески.
Според огласот, зградата ќе се продава со електронско наддавање, со почетна цена од 900.000 евра. Зградата е стара повеќе од еден век, сместена е на Широк сокак, а заедно со придружните објекти зафаќа површина од околу 2.000 квадрати. Според огласот, таа ќе се продава како целина.