Трката за Белата Куќа можеби е долга и напорна но бирањето на американскиот претседател е се освен едноставно. Иако многу од гласачите нема ни да обрнат внимание на изборите се до неколку недели пред изборниот ден, кандидирање за претседател бара неколку години активно планирање, собирање пари и калкулации, пишува CNN во својата анализа на американскиот гласачки систем кој го нарекува „луд“.
Двете главни американски партии – Демократската и Републиканската ги бираат нивните кандидати преку партиски спонзорирани натпревари во секоја од државите на САД, процес кој започнува во февруари и трае пет месеци.
Ајова и Њу Хемпшир традиционално го почнуваат процесот порано, а потоа следат останатите држави. Претходно кандидатите поминуваат околу една година подготвувајќи го теренот за кампањи во овие региони. Откако секоја партија ќе добие кандидат, тие го поминуваат остатокот од летото и есента во кампањи за генералните избори на 8-ми ноември.
Една од причините зошто се скапи кампањите е бидејќи траат долго. За разлика од други земји, нема правила колку рано може еден кандидат да започне со својата кампања. Еден од републиканските кандидати –Тед Круз објави дека ќе се кандидира за претседател во март 2015, дури 20 месеци пред изборите.
Исто така за разлика од други земји, нема лимит на тоа колку пари може да бидат потрошени за една кампања. Претседателската кампања може да чини дури и до милијарда долари, и тоа не вклучувајќи ги парите од надворешните групи. Не е евтино да се патува низ Америка две и повеќе години, да се купуваат реклами на телевизија и да се плати мала армија на кампањски работници, се вели во анализата на CNN.
Како се собираат гласовите за партиските кандидати?
Државите на САД имаат два начини на бирање кандидат за секоја партија и собирање на гласовите на партиските членови кога бираат претседателски кандидат – „primaries” и “caucuses.”
“Primary” е она што традиционално се поврзува со гласање – луѓето се појавуваат на избирачко место и гласаат за нивниот кандидат.
„Caucus” пак е многу различно. Се работи за маалски настан кој бара неколку часовна активна партиципација и дебата, и се одржува навечер во домашен или јавен простор, во зависност од големината на локацијата на истиот.
Ајова, која користи „Caucus” систем и Њу Хемпшир која држи “Primary”, се првите две држави кои ќе гласаат за кандидатите на партиите. Иако тие опфаќаат само минијатурен дел од гласачите на Америка, играат многу важна улога во номинациите, бидејќи влијаат први на јавното мислење за тоа кој кандидат води.
Резултатите во овие држави обезбедуваат првична слика за популарноста на одреден кандидат како и за неговата/нејзината организирачка способност и моментум. Се очекува неколку кандидати да се откажат по објавувањето на резултатите во овие две држави доколку се покажат лоши во бројките.
Тринаесет сојузни држави ќе одржат вакви избори на првиот вторник од март – исто така познат како „Супер вторник“. Резултатите ќе бидат објавени наскоро потоа и ова може да предизвика големи промени во трката за претседател.
Кои се главните републикански кандидати?
Доналд Трамп: Магнатот на недвижности води со месеци и покрај кршењето на многу правила на традиционалната кампања, вклучувајќи го и критикувањето на воените затвореници, Мексиканците, муслиманите и жените (меѓу другите). Многу малку експерти предвидоа дека ќе биде толку успешен.
Тед Круз: Жестоко конзервативниот сенатор од Тексас изгради име за себе како аутсајдер во Конгресот. Тој оркестрираше прекин на работата на владата во 2013 година.
Марко Рубио: Сенаторот на Флорида дојде на власт со порастот на анти-естаблишмент “Чај партијата” во 2010 година, но покажа и способност за соработка со демократите.
Кои се главните демократски кандидати?
Хилари Клинтон: Таа ја планира оваа кампања речиси од моментот кога ја изгуби во 2008 година. Сопругата на Бил Клинтон се гледа како еден вид на продолжување на политиката на Барак Обама и безбеден „пар раце“ кај демократите.
Берни Сандерс: Сенаторот на Вермонт кој го претставува најлибералното крило на мејнстрим американската политика, но некои демократи го гледаат како премногу „лев“ за да победи на националниот избор. Сепак, според анализите на медиумите во последните денови Сандерс и Клинтон се речиси изедначени во трката во Ајова.
Обично се знае кои се номинираните кандидати до доцната пролет, но истите не се официјално избрани до националната конвенција на секоја партија на лето.
Дали ова значи дека кандидатот кој ќе освои најмногу гласови победува?
Не.
Наместо да се селектира претседателот базирано на тоа колку гласови ќе освои, основачите на Америка предвиделе нешто што се вика Electoral College. Секоја од државите добива ист број на бирачи (electors) колку што има конгресмени и сенатори – и колку е поголема државата, толку повеќе бирачи има.
Во сите освен две земји (Мејн и Небраска), системот е „победникот зема се“. Ако кандидатот освои 60% од гласовите во Калифорнија, ги добива сите бирачи од таа држава. На пример, во 2012 година Обама освои 51% од гласовите на целата нација, но тоа се преведе во 61% Electoral College гласови.
На крајот, оној што ќе освои 270 Electoral College гласови или повеќе победува. Да не почнуваме да објаснуваме што ќе се случи ако борбата е блиска, а веќе знаеме што се случува ако има пребројување, ја завршува својата анализа CNN.
Извор: CNN