Пратеничката група на СДСМ поднесе 984 амандмани на предлог законот за формирање на универзитетот „Даме Груев“ бидејќи според нив целосно е прекршена процедурата за носење на одлука за формирање на нов универзитет.
„Како опозиција, ја прашуваме владата зошто не е поднесен до пратениците Елаборатот за формирање на универзитет на разгледување? Исто така и каде е одлуката на одборот за акредитација со која се дава мислење за нов Универзитет? Зошто сеуште се држи во тајност составот на одборот за акредитација?“, изјави Горан Сугарески, координатор на пратеничка група на СДСМ.
Според него, пратениците ги немаат на увид и стручните мислења на постоечките факултети за потребата од формирање на нов Универзитет.
„СДСМ и опозицијата нема да дозволат создавање на нови факултети чија единствена цел е вдомување на партиски јуришници на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО ДПМНЕ уште еднаш шверцерски сака да ја протне и оваа одлука без да се испочитуваат законите и процедурите во оваа држава. Денес имате прилика да видите како кршејќи го Деловникот кои самите го донесоа, со насилие и самоволие да ја ограничат дебатата на поднесувачите на амандманите односно на опозицијата. Циркус и хаос е она што се случува на Комисијата за образование од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Сугарески.
Пратениците од власта и опозицијата во собраниската комисија за образование денеска влегоа во жестока дебата за формирањето на новиот универзитет, која за малку ќе завршеше со тепачка, пренесе Телма.