Претседателот на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски денеска најави дека планира да започне проект со кој ќе биде изграден отворен амфитеатар во археолошкиот локалитет од римско и доцноантичкото време „Скупи“.
Според Груевски, целта на проектот е целосна реконструкција врз основа на сочуваните архитектонски елементи и преку „аналогија со театри кои се блиски до амфитеатарот во Скупи со што би се овозможило ревитализација на објектот и негова презентација пред пошироката културна јавност преку одржување на културни манифестации со капацитет од 9000 места“.
„Министерството за култура веќе изработи проект, а возобновувањето на отворениот амфитеатар ќе започне во првата половина на месец април оваа година откако претходно треба успешно да завршат сите тендерски процедури за избор на изведувач на градежните работи, додаде поранешниот премиер.
Веднаш по неговите најави, провладиниот портал Курир објави видео од планираниот проект, со наслов „ГРАНДИОЗНО: Еве како ќе изгледа амфитеатарот кој го најави Груевски“.
Груевски денеска откри дека тој планира битолчани да добијат целосно реконструиран офицерски дом. Проектот ќе започнел со реализација на крајот на оваа година а почетната инвестиција ќе изнесувала околу два милиони евра.
Претходно во јавноста беше пласирана идејата дека Офицерскиот дом во Битола ќе биде продаден на тендер. Откако граѓаните на социјалните мрежи започнаа да собираат потписи против ваквиот предлог, Груевски изјави дека партијата ВМРО-ДПМНЕ ја повлекува одлуката за продажба на јавниот објект.
ВМРО-ДПМНЕ ги промовираше новите идеи заедно со најава за други проекти за младите, како стипендии за средношколци, вработување на најдобрите студенти и изградба на нови скејт паркови.
Според Груевски, секоја година ќе се започне со загарантирано вработување на 100-те најдобри студенти на додипломски студии.
„Најдобрите 100 веднаш по комплетирање на образованието ќе добијат работа и сигурна егзистенција, најсилен поттик на оние кои инвестирале во своето образование. Од секоја учебна година стоте најдобри кои дипломирале на државни универзитети во Македонија ќе бидат вработени во јавната администрација и акционерските друштва“, најави тој.
Груевски најави и реконструкција на градската библиотека „Браќа Миладиновци“, како и стипендии за средношколци кои ќе освојат награда на научна олимпијада.