Јапонија го протера 76-годишниот Ric O’Barry, долгогодишен активист, кој се бори против традиционалниот лов на делфини што се случува секоја година во едно јапонско село. O’Barry беше главниот лик во документарниот филм за ловот на делфини „The Cove“ („Заливот“), кој доби „Оскар“ во 2009 година.
Јапонските власти го уапсиле O’Barry под сомнение дека лажел за неговите планови за време на посетата на земјата, како и за врски со организацијата Sea Shepherd, која се бори против ловот на китови од страна на Јапонија. Активистот ја негира врската со групата, која некои ја нарекуваат и „еко-терористичка“.
O’Barry помина две недели во прифатен центар на јапонската влада, додека беше разгледувана неговата жалба. Тој вели дека одлуката да биде протеран нема да влијае врз неговиот активизам, ниту дека таа ја поткопува неговата љубов кон Јапонија.
„Работата ќе продолжи. Тоа што ме вадат мене од сликата нема да ја запре“, изјавил O’Barry.
Во селото Таиџи, во западната јапонска префектура Вакајама, локалните жители секоја година ги тераат делфините во залив и ги убиваат со харпуни, поради нивното месо. Мал дел од делфините ги заробуваат и ги продаваат на аквариуми.
O’Barry инаку работел како тренер на делфини во телевизиската серија „Flipper“, а во моментов е на чело на организацијата Dolphin Projects, која е посветена на заштитата на делфините ширум светот.