Студентите на Универзитет Свети Кирил и Методиј Скопје, Универзитет на Југоисточна Европа и Универзитет Американ Колеџ Скопје може да аплицираат на Зимската школа за Design Thinking која ќе се одржи во периодот од 27 февруари до 5 март.
Зимската школа за Design Thinking претставува единствена можност за експериментирање и учење преку работа за сите студенти кои се иновативни, креативни и заинтересирани да станат идни застапници на оваа методологија. Успешните учесници ќе се здобијат со околу 1,5 ЕКТС кредити.
Школата ќе се одржи во просториите на Центарот за Социјални Иновации во склоп на ФИНКИ, техничкиот кампус на УКИМ во Карпош 2. Design Thinking е методологија која се користи од дизајнери за решавање на комлексни проблеми со користење на логика, имагинација, интуиција и систематско размислување за истражување и постигнување на посакуваните резултати.
Предлог теми кои ќе се обработуваат за време на Зимската школа:
• Климатски промени
• Невработеност на млади
• Социјални услуги
• Урбана отпорност
Студентите ќе имаат можност да ги решаваат овие предизвици преку дизајнирање на продукти, места, услуги или цели системи.
Учесниците на Зимската школа ќе работат во мешани тимови од најразлични академски профили, вклучувајќи ги општествено-хуманистички, научните и техничко-технолошки. Работењето во мешани тимови е можност студентите да се запознаат со различните перспективи.
Студентите може да аплицираат на следниот линк најдоцна до 23 февруари.
Иницијатор на проектот е Центарот за Социјални Иновации кој е основан од страна на ФИНКИ и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Партнери на Зимската Школа се Лабораторијата за Општествени Иновации и студентската организација – Борд на Европски Студенти по Технологија – БЕСТ Скопје.