[Блог] На пат низ Азија со велосипед

Од пиење чај со сточари до борба со планините, да се истражува светот на велосипед е авантура како ниту една друга, но и најдобар начин да го запознаете светот под ваши услови.

Нов грант кој добропознатиот авантурист Tom Allen го претстави минатата недела им овозможува на млади луѓе од Британија да го истражат светот, но наместо со слободна автобуска карта и водич, ќе патуваат со велосипед и мапа. Не сум изненадена. Ако ме прашате мене, Џанапар грантот формализира тивка револуција која се случува со години кај луѓето со ограничени средства за патување.

„Можеби туризмот со велосипед е новото автостопирање“, се сеќавам дека си помислив додека пиев пиво со пар Холанѓани во ирски бар во Хонг Конг во 2012 година. Се сеќавав на последниот пат кога нашите патеки се сретнаа, пред осум месеци и многу илјади милји, на студената клима на источна Турција.

Иако тогаш личевме на уште една група валкани патници, приказните кои си ги разменувавме не беа оние вообичаените, за пијанства и дијареа во евтини барови и хостели кои ги најдовме во истиот водич кој сите го користеа.

Ми раскажаа дека одгледувачи на јакови им понудиле чај после смрзнувачка ноќ во нивниот шатор, додека се обидувале да стигнат до планината Памир во февруари. Јас им кажував за бензинските станици во кои спиев низ цела Кина – како вообичаено во нив работеа млади луѓе кои се далеку од својот дом, спиеја во заеднички соби меѓу две смени и гледаа на моите посети како на добредојдена пауза од монотонијата на нивната работа. Често инсистираа да им се придружам на вечера или да спијам во чиста постелнина во еден од нивните кревети. Се смешкавме кога се сеќававме на солидарноста и пријателството на возачите на камиони од сите страни на светот, како тие се грижеа за нас, нѐ охрабруваа, а понекогаш и ја делеа со нас храната и си разменувавме приказни.

Таа жешка вечер во Хонг Конг, сфатив две нешта: дека патувањето со велосипед е веројатно најдобриот начин да го запознаеме светот под наши услови, и дека велосипедистите како нас стануваат честа врста. Многумина од нас ги напуштиле своите домови со замисла дека тргнуваат на голема авантура, вредна да биде опишана во книгите по историја, или во најмала рака во книгите на рекорди. А, потоа сфаќаме дека нѐ има многу и наидуваме на други велосипедисти на секој агол. Ние сме еквивалент на хипи патеката од 70-тите и автостоперите од 90-тите. Значајната разлика е тоа што ние сме ограничени само од тоа дали секаде има патишта или не и зависиме од дебелината на нашите гуми.

Се вратив дома од моите патувања како друга жена, но позачудена бев од идејата на сите околу мене дека тоа што ја пропатував Азија на велосипед ме прави посебна. Мислат дека обична личност не би била доволно храбра или силна да го оствари тоа што за мене беше патување исполнето со уживање, кое траеше година и пол.

Бев обична личност (сѐ уште сум) и на моите патувања запознав безброј други. Не само студентите и инженерите и уметниците и сметководителите, кои успеваат да одвојат неколку месеци од животот за да патуваат низ светот на велосипед, туку и луѓето кои ги запознавав секој ден, кои живееја во секојдневието и со мене делеа оброк, шолја чај или ноќ на неочекувана добредојденост.

Овие средби не се ни малку слични на оние во туристичките комплекси, каде локалците се трудат да бидат мотивирани или од тоа што вие мислите или очекувате од нив, или од она што очекуваат да го добијат од вас. Ова беше хуманост, искрена и неполирана.

„Но, нели е опасно?“.

Не, не баш. Статистички, има поголема шанса да умрете во сообраќај отколку од терористи, или да бидете силувани од вашиот партнер, а не од странец.

„Како успеваш да си го дозволиш патувањето?“.

На вообичаениот начин, преку тешка работа и штедење. Туризмот со велосипед е далеку поевтин од автостопирањето, со оглед на тоа што транспортот и сместувањето се исклучени од трошоците и бидејќи патувањето со велосипед те изморува доволно, што немаш потреба од скокови со банџи и луди ноќи.

„Што ако ти се расипе велосипедот?“.

Ќе го поправиш. Секој може да научи како се лепат гуми, а ако нешто покомплицирано се расипе, некој ќе ве упати до најблискиот мајстор кој ќе ви помогне.

Сфатив дека зад овие релативно директни прашања се крие подлабок и посилен страв. Што е тоа, се чудев, што ги спречува луѓето да прифатат начин на патуање кој за мене е вистинско задоволство? Всушност, што ме спречуваше и мене да патувам на овој начин додека не наполнив речиси 30 години?

Поминав веќе неколку години обидувајќи се да ги одговорам овие прашања, и да им помогнам на луѓето да ги надминат многуте ментални и општествени пречки кои ги спречуваат да тргнат на свое сопствено патување. Џанапар грантот би бил огромен чекор напред. Не само што победникот ќе освои велосипед за експедиции, специјални торби за велосипед и сет алати и камперска опрема, ќе имаат и ментори на нивното патувње и подготовки од искусни патници со велосипед.

Нема да бидат изоставени ни неуспешните апликанти. „Процесот на апликација е креиран како вежба за визуелизирање на патувањето и идентификување на мотивациите. Без оглед на тоа кој е избран, ќе им испратиме на сите пријавени „сет за планирање на патување со велосипед“ за да можат да ги исполнат своите идеи“, вели Allen.

Самиот грант нема да го промени светот. Но, ќе охрабри и ќе им овозможи на повеќе млади луѓе да го откријат светот и возбудивиот диверзитет и сличностите на човечкиот вид, во време во нивните животи кога се најотворени за тоа. А, тоа вреди повеќе од милион банџи скокови.

Emily Chappell, велосипедистка, курир со велосипед и блогерка, за Guardian