Славниот италијански писател, филозоф и социолог Умберто Еко почина во 85-тата година од животот, пренесе Б92.
Умберто Еко е роден во Александрија, во италијанската провинција Пиемонт.
Романите „Името на розата” и „Нишалото на Фуко” се меѓу најпознатите дела на Еко. Неговите новели често вклучуваат вистински историски личности и текстови.
Во текот на 1960-тите се занимаваше со естетика и се истакна како еден од најзначајните претставници на авангардата во италијанската култура. Тој му припаѓаше на литературното движење „Група 63“.
Иако во светската јавност пред сѐ е познат како писател, во Италија важеше и за одличен познавач на Средниот век и лингвист. Исто така беше и политички активен, а особено беа жестоки неговите критики за поранешниот премиер Силвио Берлускони, пишува Дојче Веле.
Иако и пред тоа објави повеќе стручни дела, вистинската слава ја стекна со романот „Името на розата“ (1980.) според кој е снимен филм со Шон Конери во главната улога. Следеа и други дела кои беа преведени во многу земји во светот („Нишалото на Фуко“, „Островот на претходниот ден“, „Баудолино“, „Таинствениот пламен на кралицата Лоана”, „Прашки гробишта“ и последниот роман, „Нулта година“- „Year zero“ во 2015. година).
Беше основач на книжевните списанија Il Marcatre и Il Quindici. Во своите истражувања се занимаваше со проучување на средствата за масовно информирање во рамки на семиологијата и естетиката со примена на структуралистичкиот метод.
Естетиката на телевизиското искуство, естетската структура на директното пренесување, анализата на поетскиот јазик, отвореноста и теоријата на информации, се само дел од темите со кои се занимаваше. Работеше пет години како уредник во редакцијата за култура во (RAI) од 1954 до 1959.
Внимателно ја следеше и луцидно ја анализираше современата култура, комуникациите, универзумот на информации и информациионата естетика. Покрај општата семиологија, се занимаваше со семиологија на визуелните пораки, семиологија на архитектурата, епистемологија на структуралните модели и семиолошката граница. Во рамки на херменевтиката и теоријата на книжевност, се занимаваше со семиологија на текстот, толкување на метафорите, проблемот на фалсификување и границите на толкувањето.
Од 1971 беше редовен професор по естетика на визуелни комуникации и семиологија на универзитите во Торино, Милано, Фиренца, Универзитетот Колумбија во Њујорк, Јеил и професор-гостин на многу факултети. Работеше и како професор по семиотика на Универзитетот во Болоња каде ја водеше програмата по комуникологија.
Живееше во Милано и Римини со сопругата Рената која е историчар на уметност. Имаше ќерка и син.
Извор: Б92, Дојче веле