Учителка во хрватско село сама воведе настава со таблети за учениците од прво одделение

Без поддршка од Министерството за образование и наука, со сопствена волја и со разбирање од родителите на своите ученици, наставничка од основното училиште во хрватското село Тучеп, им овозможила на децата образование на ниво како во најразвиените европски и светски градови. Децата уште во прво одделение имаат настава на таблети и од рана возраст се учат на опасностите на интернет и како да се заштитат од нив, благодарение на желбата на наставничката Марлен Богдановиќ да им понуди настава, достојна на векот во кој живеат.

Нејзините ученици, за разлика од нивните врсници низ целата земја, не мора да носат училишни торби од десет килограми. Наместо тешки книги во нивните торби, носат само три тетратки и моливи. Таблетите ги чекаат во училиште, а книгите од кои пишуваат домашна работа ги чекаат дома, иако и на таблетите имаат дигитализирани учебници. Ова е единствена учителка во Хрватска која работи со учениците на таков начин, а се едуцирала повеќе од десет години на разни европски стручни обуки.

„Од прво одделение ги учам децата да користат таблети и да учат од нив. Тие ми се шестта генерација, сега се второ одделение и можам да кажам дека никогаш не сум имала толку малку проблеми со децата и дека никогаш не ме слушале толку како моите сегашни ученици“, раскажува Богдановиќ за Index.hr.

Идејата ја добила пред децатат да почнат со училиште. Со оглед на тоа дека во Тучеп има само едно основно училиште со по еден клас во секоја генерација, таа знаела точно кои деца ќе одат кај неа во клас. За нејзината идеја го известила директорот, а потоа одржала состанок со родителите на идните ученици.

„Сите беа за тоа да почнеме со дигитализација од прво одделение. Всушност, денес сите деца имаат мобилен или таблет на таа возраст, но не знаат да се служат со нив на вистинскиот начин. Во пракса, видов дека ќе биде премногу доцна да се воведе информатика само во петто одделение, бидејќи лошите навики се стекнуваат од прво одделение. На родителите им ги презентирав сите европски искуства и им дадов идеја да набавиме таблети, а паралелно да работиме со хартија и дигитални учебници бидејќи некои издавачки куќи веќе објавија дел од книгите во дигитална форма. Сакав да им кажам дека информатиката не е посебен предмет, туку дека уште од прво одделение, децата учат како одговорно да ја користат технологијата“, објаснува наставничката Богдановиќ.

Најтешката работа во целата оваа приказна била да се купат тие 20 таблети. Таа се шокирала кога дознала дека за дигитализација на една училница биле потребни 26 000 евра, што значи дека еден таблет чини околу 600 евра.

„Толку ќе чини планот за дигитализација на 150 училишта кој се планира во следните десет години и ова е исклучително скапо, а не мора да биде. Значи 26 000 евра по училница, а колку ученици има во 150 училишта… Како и да е, нема логика дете од седум години да има толку скап таблет. Така започнав сама да барам добавувачи и едвај најдов еден кој успеа од истата марка да набави 20 таблети кои чинеа по 100 евра. Вкупно, изнесуваше 2000 евра, а родителите платија за таблетите во кои ги внесовме и дигитализираните учебници“, вели Богдановиќ.

Најголемата придобивка, според неа, е тоа што децата се воодушевени, а се јавувале и од други класови кои прашувале дали и тие можат да имаат часови на таков начин. Но, таа сега има многу поголеми обврски од класичната настава.

„Она што го правам е бесплатно, но не мислам на парите, бидејќи најважна ми е благодарноста од учениците“, вели наставничката која појасни дека идејата за дигиталната настава ја добила од искуството во Финска.

„Идејата за овој вид на настава, првпат ја добив на Факултетот за применети науки во Хелсинки. Иако тогаш се работеше за студенти, за првпат помислив дека за вакво нешто не мора да се има футуристичка училница и дека тоа може да функционира и на дрвени клупи“, вели Богдановиќ, која појасни дека после секоја работа на таблет, учениците имаат десет минути вежбање за протегање.