Денови на светската книжевност во библиотеката „Св. Климент Охридски“

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје го организираат вториот настан од серијата „Денови на светската книжевност“ кој е насловен „Американски класици: поттикнување на метакогницијата преку кратките раскази на Реј Бредбери“, кој ќе се одржи на 29 февруари (понеделник) со почеток во 13 часот, во Центарот за конференции и студии во НУБ.

Осврт за американската книжевност ќе има Вера Сотировска која ќе се фокусира на важноста на читањето и развивањето на имагинацијата преку расказите на Бредбери.

Сите љубители на пишаниот збор кои ќе присуствуваат на овој настан ќе можат да ги разгледаат и да ги купат книгите од кинеските великани преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“ и „Ѕвезди на светската книжевност“.

Во текот на целата 2016 година во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје континуирано ќе се промовираат и презентираат публикации од македонската тековна и актуелна книжна продукција и од капиталните издавачки проекти, а ќе се организираат и книжевни средби, трибини и придружни манифестации со цел афирмирање и поттикнување на читањето и привлекување читатели од различни генерации.

Планираните програмски активности се во функција на популаризација на македонската книжевност и на преводите од светската книжевност, на богатата и разновидна издавачка продукција во Македонија и на новите публикации, како од афирмирани и етаблирани писатели, така и од млади автори.

За учество на настанот е потребна регистрација преку праќање на е-мејл на ac.programs@yahoo.com.