Предлогот на СДСМ за измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кои се предлага укинување на радиодифузната такса, а МРТ да се финансира од Буџетот е неприфатлив за Здружението на новинари на Македонија, соопштија оттаму.
„Прво, тој е поднесен во погрешно време. Сметката на МРТ е блокирана и Владата, преку УЈП, го уценува јавниот сервис. Место измени на начинот на финансирање на МРТ, партиите треба да и предложат на Владата да ги прости сите долгови на јавниот сервис. Тие долгови не се настанати по вина на Македонската радиотелевизија, туку поради неможноста или немањето желба на Управата за јавни приходи да ја собере радиодифузната такса.
Второ, за нас е неприфатливо да се напушта досегашниот формат на преговорите меѓу партиите за медиумските реформи, каде одлуките за сите точки од договорот се донесуваа со консензус. Која е гаранцијата дека овој предлог во ваква форма ќе биде изгласан во Собрание, освен ако политичките партии од власта и опозицијата немаат таен договор за префрлување на преговорите за медиумите од Клубот на пратеници во Собранието.
Трето, со ваквиот предлог се напушта договорот од Пржино, кој предвидува потписниците да донесуваат решенија со консензус. Парцијалниот предлог на СДСМ е во спротивност со предлогот на европскиот посредник Питер Ван Хауте и со тоа е на добар пат да ја прокоцка оваа неповторлива можност за да се направат сериозни реформи во медиумите. Со тоа и медиумите и новинарите ќе бидат поминати жедни преку вода.
Во предлогот на Ван Хауте, освен за финансирање на МРТ, има и решенија за деполитизацијата на раководните органи на МРТ и Агенцијата за медиуми, забрана за владини реклами, укинување на непотребните обврски кон националните приватни телевизии, намалувење на казните за медиумите и зголемување на транспаретноста на институциите.
Четврто, со напуштањето на предлогот на медијаторот, кој СДСМ досега декларативно го поддржуваше, ќе влеземе во сценариото на власта да се глуми лажен активизам во Парламентот за наводни реформи во медиумите. Во суштина, измените во медиумските закони би биле само козметички, а тие нема да донесат никакви позитивни промени во медиумите, туку напротив, ќе и помогнат на власта да ја зајакне контролата и врз нив и врз медиумскиот регулатор.
И петто, ваквиот предлог на СДСМ не обезбедува стабилно и одржливо финансирање на јавниот радиодифузен сервис. Се менува само начинот на финансирање, без реално да се зголемат приходите на МРТ. Според проценките, 0.5 отсто од државниот буџет се околу 15 милиони евра. Толку пари, според официјални информации од Владата, МРТ имаше и во 2014 година и тоа не беше гаранција јавниот сервис непречено да работи“, велат од ЗНМ.
Предлогот на ЗНМ кој е поддржан и од европскиот посредник е еден отсто од буџетот или околу 30 милиони евра да се одвојат за финансирање на јавниот сервис.
„Само тогаш јавниот сервис ќе биде независен јавен сервис, кој ќе служи на интересите на граѓаните и нема да биде инструмент во рацете на политичките партии.
Ги повикуваме партиите искрено да се заложат за вистински реформи во медиумите, а не да го користат ова прашање за лов на гласови за изборите во јуни. Партиите може да ги изневерат новинарите и медиумите и да ја манипулираат јавноста, но тоа со ништо нема да ја подобри сликата во светот за Македонија, како земја каде масовно се кршат медиумските слободи, исто како во африканските земји каде на власт се авторитарни режими.
Со ваквата манипулација со сигурност нема да ја сменат ниту оценката на Европската комисија, која годинава забележа назадување во поглед на слободата на изразувањето и слободата на медиумите.
Ги потсетуваме партиите, но и македонската јавност дека Македонија ако сака да ја задржи препораката за преговори со ЕУ треба драматично не ја подобри состојбата со слободата на медиумите. Суштинските реформи во медиумите се предуслов за кредибилни и слободни избори“, соопштија од ЗНМ.