Здружение на граѓани „Младите можат“ од Скопје го најави младинскиот натпревар „Ослободи ја идејата“. Ова што треба да го направат заинтересираните за учество е да се здружат, да предложат креативно решение на детектиран проблем и да поттикнат општествени промени преку примена на младински активизам. Најдоброто решение ќе биде наградено.
За учество во натпреварот треба да се состави тим од 3 до 5 млади ентузијасти на возраст од 16 до 26 години кои ќе дискутираат за предизвиците во заедницата кои ги засегаат младите, како и да предложат решение на проблемот и направат план за делување. Проблемот треба да се однесува на областите: образование и култура, развој на граѓанско општество, толеранција и недискриминација, младински политики и граѓански права, животна средина, миграции или вработување.
Учеството се пријавува со пополнување пријава, најдоцна до 20 март на полноќ. Пријавата за учество може да се преземе на следниов ЛИНК.
По истекување на рокот за пријавување, петте тимови со најрелевантна, најиновативна и најизводлива идеја ќе продолжат во наредната фаза од проектот, при што ќе добијат поддршка за развој на идејата преку остварување менторски средби и консултации. Во текот на месец април, на отворен настан, избраните тимови ќе имаат можност да ја презентираат својата идеја за иницијатива и да ја убедат публиката и жири-комисијата за потребата за решавање на проблемот и креативноста на понуденото решение.
Победничкиот тим ќе добие поддршка од „Младите можат“ за имплементирање на иницијативата и наградно патување за целиот тим.