[Став] Медиумска селекција на граѓанските интереси

Верувам дека почитуваните читатели/-ки на овој текст многу пати имаат слушнато како новинарите истакнуваат дека „граѓаните имаат право да знаат“ кога настојуваат да издејствуваат одредена информација и морам да признаам дека долго време наивно верував дека јавните гласила навистина ги претставуваат интересите на граѓаните. Се разбира, под влијание на „суровата стварност“ одамна се ослободив од ова наивно уверување, но и покрај тоа сè уште не можам да го разберам игнорантскиот однос на јавните гласила кои себеси се претставуваат за водечки во Македонија кон темите од интерес за граѓаните.

Никако не можам да разберам како беше можно во ноември 2008 година три дена, односно онолку колку што според народните верувања траат чудата, во ударните вести да се зборува за полициската акција наречена „Сузбивање на улична проституција”, а во 2016 година само неколку јавни гласила да ја пренесат веста за пресудата во корист на сексуалните работници на нивната тужба против Министерството за внатрешни работи и против Основниот суд Скопје 1 – Скопје поради оваа акција. Зошто јавните гласила во 2008 година со своите сензационалистички и навредливи вести ја оправдаа акцијата на Полицијата и постапката во кривичниот суд, а осум години подоцна ни во споредните вести не можат да им пренесат на граѓаните дека со пресудата на Основниот суд Скопје 2 – Скопје се потврди повредата на правата врз сексуалните работници од страна на институциите кои треба да ги заштитуваат.

На конференцијата за печат одржана на 2 март 2016 година Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје имаше намера да ги извести јавните гласила за победата на сексуалните работници во судскиот спор против Министерството за внатрешни работи и против Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Токму така. Имаше намера, но немаше кому да ја пренесе информацијата, освен на една единствена присутна новинарка. Веста, веројатно преземена од соопштението на ХОПС, ја пренесоа и неколку интернет портали, но ниедно од јавните гласила со национални концесии.

Да потсетам. Вo ноември 2008 година во вечерните часови, во полициската акција наречена „Сузбивање на улична проституција” беа лишени од слобода 32 лица од кои 23 сексуални работници. И покрај реакцијата на поедини здруженија на граѓани приведените сексуални работници повеќе од 20 часа беа задржани во нехумани и деградирачки услови, додека останатите приведени беа пуштени на слобода само неколку часа по приведувањето. Сексуалните работници ја поминаа критичната ноќ во просторија од неколку квадратни метри без пристап до храна, вода и можност за одржување на лична хигиена. Дел од нив беа изложени на непотребна болка и страдање оставени без медицинска помош за надминување на апстиненцијален синдром предизвикан од зависноста од дроги. Утредента, сите сексуалните работници без образложение и без нивна согласност беа одведени на тестирање за ХИВ, хепатит Ц и други сексуално преносливи инфекции.

Со начинот на известување за полициската акција повеќето јавни гласила неоправдано јавно ги прикажуваа ликовите на приведените сексуалните работници, притоа исмевајќи ја нивната професија и навредувајќи го нивното достоинство, со што го повредија и новинарскиот кодекс.

И ако тогаш, во 2008 година, можеа сензационалистички да известуваат за незаконската полициска акција, зошто сега, во 2016 година, не можат да известат за судската пресуда со која се докажува незаконитоста на истата таа акција? Зарем граѓаните немаат право да знаат дека полицијата згрешила? Зарем граѓаните не треба да знаат дека судовите во Македонија ги заштитуваат човековите права? Зарем граѓаните не треба да знаат дека една од најмаргинализираните заедници во Македонија конечно доби заштита барем од една од институциите надлежни да ги заштитуваат интересите на граѓаните? Не очекувам одговор на овие прашања. Само жалам што јавните гласила пропуштија можност да известат за судска одлука која може да претставува пресвртница во институционалниот третман не само на сексуалните работници туку и на сите други општествено-маргинализирани групи и заедници. И оваа судска одлука не е значајна само за Македонија. Веќе е поздравена во повеќе земји во светот. А сексуалните работници. Сигурен сум дека тие сега имаат за што да се радуваат.

Вања Димитриевски

Извор: hops.org.mk