Институтот за комуникациски студии го промовираше Прирачникот за јавен интерес во новинарството, во којшто се сублимирани општоприфатените вредности, принципи, професионални стандарди и практики во новинарството.
Прирачникот е во тесна корелација со искуствата и потребите на медиумите и новинарите во Македонија, етичките новинарски кодекси и политики за работа во навлијателните медиумски куќи во светот. Тој соодветствува и со домашната и странската регулатива која третира етичко и професионално информирање, соопштуваат од Институтот за комуникациски студии.
Во него се наведени критериуми за утврдување на јавниот интерес во новинарството, а прв пат се воведува концептот за Тест за јавен интерес во новинарството. Автори се Весна Шопар, Сефер Тахири, Зоран Димитровски и Александра Теменугова.
Публикацијата е наменета за новинарите, за студентите по новинарство, уредниците и за останатите медиумски професионалци, без разлика дали доаѓаат од јавен или од комерцијален, од традиционален или од нов медиум. Исто така тој може да им користи и на граѓаните кои треба да знаат што да очекуваат од новинарите, критички да ги восприемаат информациите и да умеат да препознаат непрофесионално новинарство.
Прирачникот за јавен интерес во новинарството е печатен на македонски и на албански јазик.
Прирачникот е креиран во рамките на проектот Изразување на јавниот интерес: зголемување на моќта на медиумите и граѓаните во штитењето на јавните политики во Македонија.