Кои се главните фактори поради кои младите ја напуштаат земјата? Како зголемената миграција на младите влијае врз состојбите во земјава? Дали државата има начин да ги задржи, но и врати младите високообразовани луѓе назад во Македонија? Ова беа дел од прашањата на дискусијата „Одлив на мозоци од Македонија – причини и последици“, во студиото на Радио МОФ.
На темата говореа Калинка Габер од „Прогрес“ институт за социјална демократија, Росица Колевска која во моментов живее на релација Македонија – Германија и Христијан Конески од Центарот за европски иницијативи.
Росица Колевска, која дипломирала дефектологија во Скопје, а своето образование потоа го продолжила на Кембриџ вели дека сите млади очекуваат поддршка кога ќе се вратат во земјата, но таа честопати изостанува. Таа смета дека е неопходно да се подобри односот на домашните институции кон оние што се испратени да студираат во странство.
„Јас во Германија немав партиска книшка, само аплицирав на оглас. Кога одлучив да се вратам од Германија, реакцијата од моите сограѓани беше „дали си нормална?“, вели таа.
Калинка Габер од „Прогрес“ забележува дека Македонија не ја нуди перспективата дека со знаење и напор младите можат да успеат.
„Сведок сум дека огромен дел од оние кои студираа надвор и се вратија со ентузијазам повторно сакаат да си одат“, смета Габер.
Според неа причини за иселувањето се голема стапка на младинска невработеност, поделбата на општеството и политчката криза. Младинските политики вели дека се користат само како ПР алатка, а податоците од истражувањето на „Прогрес“ покажале дека младите не се запознаени со постоењето на младински политики.
Христијан Конески од ЦЕИ сметa дека и граѓанскиот сектор треба да го сфати сериозно прашањето за иселувањето.
„Недостасува неформално образование што на младите ќе им овозможи вештини за побрзо да се вработат. Недостасува анализа на пазарот на труд“, забележува Конески.
Целата дискусија погледнете ја во видеото на почетокот на текстот.