Речиси четвртина од вкупниот број на наставници и професори во Македонија завршиле само средно образование, или поточно 6800, покажуваат прелиминарните резултати од ново теренско истражување, кое денеска ги претстави наставникот Владо Димовски, кој е и претседател на Центарот за меѓуетничка толеранција.
„Ваквите професори, особено во руралните места, предаваат дури и по шест-седум предмети. Само во последната учебна година, односно од септември до денес, примени се уште околу 60 наставници без факултет“, рече тој.
Податоците кои ги изнесе Димовски се од истражување во кое учествувале 12 здруженија на просветни работници и околу 600 активисти. Според него, резултатите само потврдиле дека македонското образование е на најниско ниво досега.
Други недостатоци на кои посочи Димовски се несанитарните услови, немањето на затоплување и старите училишни згради со покриви кои често протекуваат, недостатокот на учебници и неорганизираниот бесплатен превоз. Тој забележа дека од 47 училишта кои требаше да се изградат до крајот на годинава, само 27 училишта се изградени, но во нив сé уште нема ученици.
Овие статистики,Димовски ги претстави на денешната јавна дебата „Како до образование кое гради активни и бунтовни граѓани“, на која се дискутираше за недостатоците и предизвици на македонскиот образовен систем, и како тој да се подобри. Димовски соопшти дека резултатите ќе бидат доставени до надлежните институци и ќе се бара измени и дополнувања на Законот за средно образование.
На дебатата присуствуваше и професорот Душко Стојановски, од средното училиште „Орце Николов“, кој подвлече дека реформите треба да почнат пред сé од државните политики, но и од самите образовни работници.
„Наставниот кадар долго време е сосема потценет и поради таквиот третман во државата, од тие кои се определиле да бидат наставници, оние поинтелигентините и послободните ќе проценат дека таков однос не им одговара и нема да се одлучат за таква професија. Затоа оваа професија почнуваат да ја одбираат само луѓе кои немаат друг излез, на кои тоа им е последната шанса и немаат големи способности. Таков кадар не може да создаде соодветен третман кон образованието, бидејќи државата може полесно да ги контролира“, смета тој.
Во македонското образование се вложува повеќе отколку во земјите од регионот, но ситуацијата е сé уште лоша, смета извршната директорка на Младинскиот образовен форум, Дона Костуранова.
„Од 2013 година до денес, Македонија има инвестирано во образованието повеќе од другите земји, а имаме резултати кои се под просекот на регионот. Односно, средствата кои ги вложуваме, не ги користиме правилно“, вели Костуранова.
Јавната дебата беше организирана од здруженијата Центар за меѓуетничка толеранција и бегалци и Просветни работници на Македонија, а е последна од серијалот дебати на тема „Заслужуваме подобро образование“.
Стефанија Тенекеџиева