„Што си наметнавме?!“ е трета од низата работилници на Ars Locus, која има за цел да ги истражува наметнатите улоги на жената во современото општество, користејќи ги театарот и креацијата во движење како медиуми. Работилницата е наменета првенствено за жени, со охрабрувачки нагласок за сите возрасти, а добредојдено е и присуство на мажи.
Експресивните работилници на „Арс Локус“ имаат за цел да допрат до поими како „ослободување“, „самоекспресија“, „себеексплорација“ итн. користејќи ја разноликоста на разни уметнички форми како медиум. Оваа работилница, продолжува со театар и танц.
Кои се наметнатите улоги со кои една жена се носи секојдневно? Од каде доаѓаат тие, каква е нивната природа? Дали товарот на бремето ги разрешува, или им додава уште по некое зрно во вреќата? Колкава е флексибилноста на една жена во „играње“ на сите зададени улоги, се само дел од прашањата кои оваа работилница ќе се обиде да ги одговори.
„Поканети се сите расположени за еднодневно патување преку сопственото „јас“, а особено охрабрени се оние кои никогаш не присуствувале/учествувале на работилница од овој тип. Сите постари од 15 год. можат да учествуваат; возраста како фактор не постои, тежината и висината се најмалку важни, а професијата – сосема небитна. Сѐ што треба да понесете е празен лист хартија во вашата глава!“, велат организаторите.
Moдератори на работилницата се Вилма Самарџија, балетски играч и неформален педагог и Ивана Атанасова, актерка и едукатор на деца преку театар.
Учеството е бесплатно, покрај симболични донации за одржување на просторот. Краен рок за пријавување е 24 март, на е-меилот ars.locus15@gmail.com.