По повод 21 март, Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром, неколку жени активистики го најавија почетокот на кампањата „Будење“ со пораката „Секој ден е добар ден за да се разбудиме, различноста е совршена на свој начин!“
budenje from Elena Fidanska on Vimeo.
Денешната прес-конференција ја одржаа Анче Туфекчиева, основач на здружението ВЕРА од Струмица; Даниела Мирческа, од Ресурсниот Центар на родители, Ирена Мила, Елена Фидановска, фотографки и активистки и Иванна Хаџиевска, социолог и медиумски соработник. Во своите излагања тие се осврнаа на моменталните состојби за децата и лицата со попреченост, нивните родители и семејства, како и промените што се неопходни за да се “разбуди“ општеството. Тие укажаа дека е потребно да се направат напори во општеството за прифаќање на лицата со попреченост, да се препознаваат нивните способности и тие да се афирмираат како рамноправни членови на заедницата.
Посебно внимание беше посветено на социјалните аспекти, важноста на сеопфатната инклузија и подобрувањето на образовните капацитети, а беше потпишан и меморандум за соработка меѓу здруженијата „ВЕРА“ и „ Даун“ центарот.
Активностите по повод оваа кампања ќе започна денеска во Струмица, со отворање на изложбата во Домот на културата „Антон Панов“, во 19:30 часот. Изложбата ќе биде поставена во повеќе градови во Македонија, во текот на наредните неколку месеци.