Амали Еми Ноетер – непознатата математичка генијалка

„Животот на Еми е жив доказ за моќта на издржливоста, тој е сведоштво за едноставното следење на своите соништа без оглед на признанијата и наградите“ – рекол физичарот Рансом Стивенс зборувајќи за Еми Ноетер.

За германската математичарка и менторка на Алберт Ајнштајн знаат малкумина, а таа е уште помалку позната за оние надвор од научните кругови. Со оглед на влијанието што го имала на развојот на математиката и физиката, ниту во својата струка не била добро позната. Иронично или не, дури и кратерот на Месечината кој е именуван според нејзиното име се наоѓа на најоддалечената страна, онаа што не ја гледаме од Земјата.

Нејзиниот животен пат е сведоштво за тешкотиите низ кои поминувале жените на почетокот на 20 век, и приказна за неправедната маргинализацијата на жените во научниот свет, која сè уште трае.

Амали Еми Ноетер е родена е на 23 март 1882, во германскиот град Ерланген, во еврејско семејство како најстара од четирите деца. Од мала била воспитувана дека треба да чисти, готви и да свири на пијано, па според тоа, во согласност со времето во кое живеела, знаела сè што една жена би требало да знае. Одлично ги владеела јазиците, и го положила и испитот кој ѝ овозможил да им предава англиски и француски на девојчињата во средно училиште. Меѓутоа, брзо се откажува од таа работа и одлучува да студира математика на факултетот каде што предавал нејзиниот татко, Макс Ноетер, во тоа време познат професор и математичар.

Во тоа време високото образование во Германија сè уште не им било дозволено на жените, па Еми не можела да присуствува на предавањата. Можела само да ги слуша предавањата, со дозвола на секој професор.

Три години подоцна, сепак ѝ било дозволено да полага завршни испити, кои успешно ги положила. Била примена на постдипломски студии како една од првите жени во Германија. Докторирала во 1907 година со трудотOn Complete Systems of Invariants for Ternary Biquadratic Forms, под менторство на Пол Гордан, по што седум полни години работела во математичкиот институт во Ерланген без плата. Наследниците на професорското место на Гордан, Ерхард Шминдт и Ернст Фишер, имале големо влијание на неа и нејзината работа, запознавајќи ја со други математичари и нивното делување.

Дејвид Хилберт и Феликс Клајн предизвикале конфузија на универзитетот во Гетинген, повикувајќи ја Еми да се придружи во работата на математичкиот оддел. Остатокот од факултетскиот колектив не бил подготвен да прифати жена за колешка. Еден професор коментирал:

„Што ќе мислат нашите војници кога ќе се вратат на факултет и ќе видат дека од нив се очекува да учат од жени?“

Со помош на Хилберт успеала да остане да работи на факултетот, но првата година била без официјална позиција и без плата. На студентите им предавала на предавања кои биле најавувани под името на Хилберт.

Иако во подоцнежните години се здобила со титулата Privatdozent I nicht beamteter ausserordentlicher professor (нешто како нередовен вонреден професор), никогаш не била примена во академијата, ниту била призната како редовна професорка и покрај тоа што предавањата, како и истражувањата, биле она со што се занимавала во поголемиот дел од својот живот.

Била страстен предавач, и иако често зборувала пребрзо, студентите ја паметеле по трпението и почитта кон другите. Знаела да се оддалечи од темата и да води долги дискусии со учениците, меѓу кои посебно се издвојувала познатата група верни студенти, т.н. „момците на Ноетер“, кои подоцна станале значајни математичари, без воопшто да ја споменат важноста на нејзиното влијание врз нивната работа.

Во 1933 година се нашла на удар на нацистичката власт, на која покрај тоа што е жена и Еврејка, им пречела и поради нејзините либерални и пацифистички ставови. Одлуката за протерување од факултетот ја примила мирно, останувајќи фокусирана на математиката и студентите кои со задоволство ги собирала во својот дом. Сепак, на крајот на истата година се сели во Америка, каде што предава на женскиот факултет Bryn Mawr. Следната година, Абрахам Флекснер и Освалд Веблен ја повикуваат да предава на Принстон, каде што повторно се нашла во машкиот свет. Времето кое го поминала во Америка било главно пријатно, била целосно посветена на математиката.

Амали Еми Ноетер починала во 1935 година поради компликации по операцијата на рак на матката.

За нејзиниот придонес во науката е тешко да се пишува од лаичка перспектива. За време на нејзиниот живот објавила околу четириесет дела (и со објавувањето на истите имала проблем, само поради тоа што била жена), а голем дел од нејзините идеи биле објавени подоцна, од белешките на студентите. Исто така, често нејзините забелешки и коментари им помогале на колегите и студентите да ги усовршат своите идеи и теории.

Нејзиниот најголем придонес е теоремата која остана позната под нејзиното име, која ја објаснува фундаменталната поврзаност меѓу симетријата и законот за зачувување. Едноставно кажано, секоја симетрија во природата упатува на законот за зачувување, без разлика дали станува збор за напон, енергија или импулс…

Теоремата покажува дека симетрија на времето е директно поврзана со зачувување на енергија, без разлика дали експериментот ќе биде направен денес или утре, резултатите ќе бидат исти, енергијата во тој систем ќе биде зачувана. Важноста на теоремите ги истакнува дуото Хил и Ледерман во книгата „Симетријата и убавината на универзумот“ (Symmetry and the Beautiful Universe) :

„Може со сигурност да се тврди дека теоремата на Ноетер е една од најважните математички теореми во развојот на модерната физика.“

Ноетер ја револуционализира теоријата на прстените и полињата, ја спои теоријата за репрезентацијата на групите со теоријата на модули и идеали. Таа имаше силно влијание врз примената на аксиоматските методи во математиката и го промени начинот на кој математичарите ја набљудуваат апстрактната алгебра. Иако сето ова звучи многу неопипливо, многу говори фактот дека еден од најпознатите физичари на сите времиња, Алберт Ајнштајн, за формулирање на општата теорија на релативноста, ги користел идеите на Еми. За него знаат сите, за неа речиси никој.

Стивенс заклучува:

„Тоа што Еми Ноетер никогаш не добила признание како нејзините машки колеги, е трагедија на културата. Фактот дека нејзината страст не се поколебала и дека нејзините достигнувања не биле забавени и попречени поради културните бариери и неправди, е сведоштво за силата на нејзиниот дух.“

Извор: Окно